1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп не е крал

Михаел Книге
9 февруари 2017

Доналд Трамп го истури гневот врз еден федерален судија затоа што ја оспори забраната за патување. Иако тоа само по себе е вознемирувачко, добрата вест е дека системот на поделба на власта функционира.

https://p.dw.com/p/2X9OR
USA Donald Trump bei der Vereidigung von James Mattis
Фотографија: Getty Images/O. Douliery

Доналд Трамп учи на потешкиот начин дека дури и претседателот на најмоќната земја во светот не може да го прави она што тој го смета за правилно.

Противењето, спротивставувањето и опозицијата на државните функционери во Сервисот за национални паркови, раузнувачката заедница, Стејт департментот, Министерството за правда и други агенции се ран индикатор за Трамп дека и претседателот на САД не е семоќен.

Иако е точно дека дел од овие функционери се демократи - и поради тоа, зад нивните постапки е можно да стои партиска агенда - тоа сигурно не е случајот со сите нив, затоа што повеќето соработувале со администрациите на републиканците и демократите.

Сигналите се многу суптилни

Раните знаци на предупредување дека дури и претседателот мора да ги следи и почитува правилата поставени со правниот и политички систем на САД можеби беа премногу суптилни за човек без претходно политичко искуство.

Можеби затоа Трамп изгледаше стаписан кога судовите во некои сојузни држави ја „закочија“ неговата забрана за патување. Работите за Трамп уште повеќе се влошија кога федерален суд привремено ја суспендираше извршната наредба со што се поништи забраната за патување на национално ниво.

Моменталната ситуација навестува голема правна битка за легалноста на извршната наредба на Трамп, која може да стигне и до врховниот суд. Тоа значи дека може да помине долго време додека целосно не се расчисти прашањето со забраната за патување.

Да биде јасно, наредбата на Трамп, на крајот сепак може да биде одобрена од судовите, а Трамп како претседател секако има право да носи забрани за патување. Но, начинот на кој што беше дизајниран овој декрет - со забраната наменета за граѓаните на седум доминантно муслимански земји, правните аргументи зад неа и начинот на кој беше спроведена, кој им нанесе штета на луѓето со регулирано право на влез во земјата - самиот предизвика да биде оспорен пред судовите.

Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Поделба на моќта

Вознемирувачки е тоа што Трамп на Твитер го навреди федералниот судија - номиниран од страна републиканскиот претседател Џорџ В. Буш - кој пресуди против повторното воведување на контроверзната забрана за патување. Трамп го опиша како "таканаречен судија" и однапред го обвини за евентуални терористички напади.

Изјавите на Трамп можат да бидат протолкувани не само како знак дека претседателот на САД се сомнева во правниот авторитет на еден федерален судија, туку тие може да се прочитаат и како знак дека тој во целост не ја цени поделбата на власта која е кодифицирана во уставот на САД.

Се разбира, малтретирањето на федерелан судија не е изненадување: тоа е само продолжување на она што Трамп го правеше во претседателската кампања, кога тој ја преиспитуваше објективноста и непристрасноста на еден федерален судија поради неговото мексиканско потекло.

Сепак, има голема разлика од тоа дали претседателски кандидат напаѓа федерален судија кој е инволвиран во тужба против еден од неговите бизниси или тој е актуелен претседател кој лично напаѓа федерален судија кој пресудил против претседателскиот декрет кој има глобални импликации.

Затоа беше важно тоа што заменик претседателот на САД, Мајкл Пенс, и покрај изјавите на Трамп, појасни дека политиките на федералната влада ќе бидат усогласни со пресудата на судот и доколку администрацијата е подготвена да ја продолжи правната борба.

Се чини дека традиционалниот систем на поделба на власта функционира и оти новата администрација го прифаќа тоа - тоа се добри вести, иако на главниот протагонист му е тешко да ги прифати ограничувањата кои тој систем му ги наметнува.