1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донаторите ветија преку 8 милијарди долари помош за Авганистан

1 април 2004

Денеска, на вториот ден од конференцијата во Берлин, во фокусот ќе бидат безбедносните прашања

https://p.dw.com/p/AcON
Канцеларот Шредер и претседателот Карзаи на конференцијата во Берлин
Канцеларот Шредер и претседателот Карзаи на конференцијата во БерлинФотографија: AP

Претставниците на меѓународната заедница – учесници на донаторската конференција во Берлин, на итната молба на Авганистан за помош одговорија со ветување донации од преку 8 милијарди долари. САД најавија дека ќе ја зголемат помошта за една милијарда и со вкупно 2,2 милијарди долари се најважниот донатор за Авганистан. Веднаш зад Америка е Јапонија, која во Берлин вети помош од една милјарда. Домаќинот на конференцијата Германија и за наредните 4 години вети донации во ист износ како и досега – 320 милиони евра.

Преодниот претседател на Авганистан Хамид Карзаи го подвлече значењето на меѓународната помош, без која не би бил можен напредокот остварен во изминатите две години. Помошта дава и нова надеж, нагласи тој: “Ова меѓународно партнерство му даде на авганистанскиот народ надеж за иднината, надеж дека Авганистан по неколку години ќе може да стои на сопствени нозе, ќе може самиот да се грижи за безбедноста и дека ќе биде стабилна и силна демократија”.

Важен чекор во насока кон таква демократија ќе биде направен со изборите, што ќе се одржат во септември. Германскиот канцелар Герхард Шредер искажа надеж дека тие ќе поминат во послободна и побезбедна атмосфера. Натамошен важен чекор е секако воспоставувањето на безбедност, третиот е борбата против одгледувањето дроги, а четвртиот обезвластување на “господарите на војната”, кои и натаму го имаат главниот збор во провинциите. На Авганистан му е потребно и образование, инфраструктура и многу други работи. Само со пари не можат да се реализираат сиве овие задачи, но ни без пари исто така не. Кај меѓународната заедница постои готовност за помош, уверуваше канцеларот Шредер: “Авганистан денес се наоѓа на нов почеток. На долгиот пат и натаму му е потребна нашата помош и поддршка. На сите нам ни е потребен долг здив – и го имаме”.

Карзаи нагласи дека неговата земја иницирала соработка на цивилизациите: “Авганистан дава чудесен и единствен пример на кооперација на цивлизациите. Во Авганистан имаме светски религии, светски култури и светски региони, кои сите кооперираат меѓусебе и со авганистанскиот народ”.

Денеска конференцијата ќе заврши со расправата за безбедносни прашања. Посебно ќе стане збор како ќе можат да бидат обезбедени за септември планираните претседателски и парламентарни избори. Треба да биде потпишан и договор меѓу Авганистан и шест соседни земји, кој предвидува подобра соработка во сузбивањето на трговијата со дроги.