1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донациите за деминирање на БиХ ги „изеде“ администрацијата

Емир Мусли / Елизабета М. Фиданоска5 април 2013

Деминирањето на БиХ трае веќе 17 години, но од мини се се‘ уште загрозени 540.000 луѓе во таа земја. Дали во 2019 година, како што е планирано, БиХ ќе биде навистина земја без мини?

https://p.dw.com/p/189c3
Фотографија: DW/E. Musli

Од 1992 година до денес во Босна и Херцеговина од мини настрадаа 8.068 лица. Од нив 6.268 преживеаја, но сега се инвалиди и потребна им е поддршка во процесот на рехабилитација и вклучување во заедницата.

„Јас сум повеќе од 20 години во војна, значи повеќе од 20 години извршувам воени работи и задачи. Според сите светски стандарди, ние одамна мораше да бидеме пензионирани. Ги изгубив и нервите и моралот, но морам да работам, морам да ги школувам децата“, раскажува за ДВ Миле Божиќ, кој во војната во 1990-тите припаѓал на Војската на Република Српска, а по војната учествува во процесот на деминирање на БиХ.

Minen Minenräumung Bosnien und Herzegowina
Миле Божиќ: Не смеам ни да кажам дека сум неупотребливФотографија: DW/E. Musli

Вработен е во фирма за деминирање од Орашје, чиј сопственик е Иво Оршолиќ, пензиониран генерал во Хрватскиот совет за одбрана (ХВО). Резигнирано додава: „Мое е да работам или да не работам, а работам само за да може да се пензионирам, уште некоја година. Замислете само да се работи таа работа толку многу години.Јас сум веќе неупотреблив човек, според сите норми, а не смеам да кажам дека сум неупотреблив.“

БиХ е една од најзагадените земји со мини во Европа

Миле Божиќ, како водач на тим за деминирање, истакнува дека немале поголеми несреќи, освен случајот кога еден пиротехничар го загубил стапалото. Божиќ е задоволен со статусот во фирмата, но не и со законите кои се однесуваат на процесот на деминирање. Вели дека веднаш по војната, под надзор на силите СФОР, се‘ тргнало како што треба. „Замислата беше да се направи барем грубо деминирање и тоа, според силите со кои располагавме, можевме да го направиме за една година. Мините беа свежо поставени, се знаеше точно каде се наоѓаат.“

По завршување на војната во 1995 година, околу 4 проценти од територијата на БиХ беше покриена со мини, но земјата и денес е една од најзагадените држави со мини во Европа.

Minen Minenräumung Bosnien und Herzegowina
Машина за чистење мини РексФотографија: DW/E. Musli

„Последниот податок вели дека тоа е сведено на 2,5% од територијата, што е и натаму огоромен процент. Имаме преку 120.000 мини и неексплодирана муниција, имаме 9.820 евидентирани микролокации и 4.119 проекти на ниво на БиХ кои чекаат на реализација“, вели Есад Алетиќ, поранешен припадник на Армијата на БиХ, а денес шеф на Регионалниот уред БХМАЦ (Mine Action Center BiH) со седиште во дистриктот Брчко.

Регионалниот уред со деветмина вработени, извидувачи и референти за контрола на квалитетот на деминирање, го покрива дистриктот Брчко, три општини во Република Српска и Посавскиот кантон во Федерацијата БиХ. Од 2002 година, со донесувањето на Законот за деминирање, БХМАЦ е координативно и стручно тело на Комисијата за деминирање при државното Министерство за цивилни работи.

Недостиг на финансиски средства

„Оваа работа е многу опасна, бавна и скапа. Се чини дека проблемот на мините се актуелизира само кога ќе се случи некоја несреќа. Тогаш ќе се дигне на едно одредено ниво, се констатира што се случило и тоа трае два-три дена, а потоа се‘ по старо“, нагласува Алетиќ и додава дека оваа област би требало да се уреди поинаку со закон, затоа што врвните босански пиротехничари заминуваат се‘ почесто во странство.

Minen Minenräumung Bosnien und Herzegowina
Есад Алетиќ: Ова е работа која е опасна, бавна и скапаФотографија: DW/E. Musli

„Имаме ресурси, имаме и машини за деминирање, имаме најсовремена технологија што се однесува до деминирањето. Но, најголем проблем се всушност донациите. Да речеме, нашите пиротехничари работат во Ирак, Авганистан, Либија, Судан и тоа само поради недостиг на финансиски средства.“

Миле Божиќ пак, тврди дека гломазната администрација ги „изела“ меѓународните донации и дека процесот на деминирање им овозможил на многумина да се збогатат. Притоа, пиротехничарите кои ги ризикуваат животите се најмалку платени и ценети, а многумина немаат ниту пензиско и здравствено осигурување. Божиќ смета дека извршува хумана работа од која се‘ потешко се живее и поради тоа се подготвува да замине во Либија за да заработи за живот.