1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дојде време на Македонија да и‘ доделиме датум “

14 јуни 2010

Словенечкиот министер за надворешни работи Самуел Жбогар смета дека темата Македонија треба да се најде на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

https://p.dw.com/p/NqMw
Самуел ЖбогарФотографија: DW / Alen Legovic

Дали Македонија ќе се најде во заклучоците на ЕУ министрите за надворешни работи на ЕУ на нивниот на состанок кој се одржува во Луксембург? Дали ќе се разговара за доделување датум за почеток на преговори?

Додека едни сметаат дека поради нерешениот спор за името со Грција, за Македонија не треба да се разговара, ниту пак да се споменува во заклучоците, други земји-членки оценуваат дека тоа не е правилно, како Словенија.

“Македонија треба да биде на дневен ред денес. Имам расправа за Западниот Балкан и во тие рамки ќе го отвориме прашањето за Македонија. Во декември рековме дека ќе се навратиме на Македонија за време на шпанското претседателство. Денес е последното заседавање на тоа претседателство и мислам дека е ред да размениме неколку коментари на таа тема. Не верувам дека ќе постигнеме согласност за отпочнување на преговорите. Ние сепак мислиме дека тоа би било добро, и за Грција па и за целата ЕУ. Нам ни треба Македонија која ќе гледа во иднината и која ќе оди напред и која ќе ги исполнува реформите за приближување кон ЕУ и мислам дека дојде време да и‘ доделиме датум за преговори“, изјави утрово словенечкиот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Одржување во живот на европската перспектива

Според дипломатските најави, Шведска е другата земја која притиска да влезе Македонија во крајните заклучоци, ако ништо друго барем со повторување на заклучоцокот од минатиот министерски совет во декември, со повик до белгиското претседателство да се наврати на прашањето следниот декември.

Одржувањето на европската перспектива во живот е важна за да се охрабри реформскиот процес во земјата, сметаат овие земји.

Во секој случај станува кристално јасно дека датум за преговори под шпанско претседателство ќе нема, освен ако Атина и Скопје изненадат во последен момент со решение за спорот за името.

Македонскиот премиер Никола Груевски пристигнува в среда во Брисел во пресрет на самитот на Унијата, какви вести им носи на колегите, допрва ќе се види.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска