1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојдоа „петте минути“ на Европејците

Миодраг Сориќ12 август 2008

САД се страна во конфликтот во Кавказот, па не можат да бидат објективен посредник во меѓународните напори за изнаоѓање дипломатско решение. Коментира Миодраг Сориќ.

https://p.dw.com/p/EvgB
По крајот на воените операции, дипломатијата стапува на сценаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Земја со таква геополитичка положба, со таква етничка шареноликост, бараше и бара голема претпазливост и сензибилитет од нејзините политичари“, велеше во првата половина на 90-тите години тогашниот претседател на Грузија Едуард Шеварднадзе. Кај неговиот наследник Михаил Саакашвили недостасува и едното, и другото. Уште полошо: тој бара судир со премоќниот сосед, посегнува по оружје и уплашено повикува за помош од странство, откако Русија, исто така со тенкови и војници, му покажа до каде му се границите.


Сиот свет се прашува зошто Саакашвили сега го отвори овој конфликт?


Веројатно сакаше да ги земе САД во заложништво. Америка со години и’ испорачува оружје на Грузија, таму постави стотици свои соработници. Саакашвили мора да се надевал дека некако ќе може да ги вовлече САД во овој конфликт и со тоа би ја заплашил и одвратил Москва од директна конфронтација со Вашингтон. Доколку тоа била калкулацијата на грузискиот претседател со вжештена глава, тогаш темелно погрешно шпекулирал и предизвика ужасно крвопролевање. Поради тоа илјадници луѓе го загубија животот. Десетици илјади се во бекство. Било кога Саакашвили ќе мора да подговара за тоа.


Политичарите во Вашингтон се тресат од бес


Русија, барем така се гледа во Москва, ќе го искористи поволниот момент за на целиот свет да му предочи колку сега вреди американската подршка - имено, не многу. За разлика од вжештената глава Саакашвили, американскиот претседател Буш е доволно разумен за да не ризикува војна со атомската сила Русија поради некој регионален конфликт. Белата куќа знае дека на долг рок секој ден на проколжувањето на војната ги поскапува гасот и нафтата. Тоа е лошо за конјунктурата во САД, а на Русија како извозник на тие енергенси и’ носи дополнителни приходи изразени во милијарди. Политичката елита во Вашингтон се тресе од бес.

Воено Грузија веќе ја загуби оваа војна. Мала победа би била ако со помош на дипломатија се погрижи за тоа, по примирјето што го нареди рускиот претседател Медведев, на границите кон Јужна Осетија и Абхазија да бидат стационирани неруски трупи. Тоа би бил компромис кој Русија можеби би го прифатила, оти со тоа сепак би било зачувано нејзиното влијание во Кавказот.


Европа е на потег


Америка е страна во овој конфликт и поради тоа не може да настапи како објективен посредник. Сега се петте минути на Европа. Францускиот претседател преговара со Кремљ. Пред крајот на неделава германскиот канцелар Ангела Меркел ќе се состане со рускиот претседател Дмитриј Медведев во Сочи на Црно море, на само неколку часови возење со автомобил оддалеченост од конфликтното подрачје. Добар совет за Франција и Германија би бил во тие разговори да ги игнорираат гласовите од Полска и трите мали балтички држави, кои и’ се закануваат на Русија и притоа сосем заборават колкави им се можностите. Тие се оптоварување за некаква единствена европска надворешна политика. Како што рече Шеварднадзе, се бара претпазливост и сензибилитет.

►◄