1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче веле – Аче

7 јануари 2005

Поплавата во индонезиската провинција Аче однесе голем број радио-станици во своите водни маси. Во етерот владее тешина, а пред се преживеаните од катастрофата кои се отсечени од надворешниот свет, немаат никаков пристап кон информации за мерките за помош и за вкупната ситуација во нивната земја. Еден новинар на радио Никоја, партнерска станица на Дојче веле, се јави во Бон:

https://p.dw.com/p/AcIM

Пред 26 декември 2004 Дојче веле соработуваше со цела низа мали радио-станици во провинцијата Аче. Скоро сите располагаат со сателитска опрема со која ги примаа емисиите на Дојче веле и ги пренесуваа на ФМ-бранови. По поплавата што го зафати брегот на Аче на 26 декември, од етерот веќе не доаѓа ништо. Радио-станиците се однесени од водните бранови, предавателите пресечени како чкорчиња. Од многуте мали станици нема ниту трага.

И за Јахуари, новинар во партнерската станица на Дојче веле, радио Никоја, тој ден започна како и секој друг. Денес и неговата станица ја нема. Му остана само едно студио, радио Сис, околу 7 километри од брегот, и мала антена. Тоа го спаси. Неговото радио Никоја порано беше во центарот на градот, опкружено со други згради. Денес неговиот поглед достига до, сега, мирното море. Ништо не остана. Тој резигнирано вели:

“Зградата е уништена, нема ништо, а нашиот шеф до денес не е најден“.

Во радио Никоја порано работеа 12 новинари за да известуваат од Банда Аче. До денес петмина не се најдени. Во Банда Аче имаше десет приватни радио станици и една на државната станица Радио Ракијат Индонезија: сега има само едно студио – радио Сис. Но, ни тоа не се јавува, зашто нема доволно струја. Јаухари е трауматизиран од настаните, но сепак има планови за иднината:

“ Подоцна повторно ќе емитуваме, можеби веќе нема да се викаме радио Никоја, туку за сите колеги што преживеале ќе формираме професионално радио за Банда Аче. Се надеваме и на германска помош, за градот повторно да биде нормален“.

Дури и ако радио Никоја повторно проработи, се поставува прашањето кој ќе слуша. Преживеаните загубија се, немаат струја, ниту радија. Дојче веле има намера затоа во Банда Аче и во другите кризни подрачја да додели радио опрема и да им помогне во обновата на партнерските радио-станици.

Инаку, што се случило со другите радио станици на Суматра до денес не се знае. Некои се наоѓаа во региони кои засега се снабдуваат со помош само по воздушен пат. Дури по неколку недели ќе се знае дали воопшто постојат новинарите и нивните радио станици.