1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

*

Горан Петрески4 јуни 2007

Македонската влада ќе одржи тематска седница посветена на евро-интегративниот процес. Вицепремиерката Габриела Коневска вчера ги информираше министрите за активностите што Македонија ги презема за доближување до ЕУ.

https://p.dw.com/p/Ao2C
Вицепремиерката за евроинтеграции, Габриела Коневска ТрајковскаФотографија: MIA

”Општа оценка е дека Република Македонија над 80% ги исполнува очекувањата кои што ЕУ во овој временски период од нас ги бара, второ е дека Акциониот план кој што самите го имаме донесено во ноември минатата година добро го исполнуваме, за сите четири, односно пет компоненти имаме спроведено оперативни програми и затоа тврдам дека ако продолжиме со оваа динамика ќе имаме доста добра и позитивна оценка од страна на Брисел во однос на исполнување на приоритетите од ЕУ”, оцени вице-премиерката за евро-интеграции, Габриела Коневска Трајковска.

Во наредниот период приоритет ќе биде екипирање на тимот што ќе менаџира со парите од претпристапните ИПА фондови. Министерот за земјоделство, Ацо Спасеновски, рече дека Македонија може да смета на претпристапната помош за аграрот, од почетокот на идната година: ”Јас очекувам дека во наредните два-три месеци ќе бидеме подготвени за да можеме националниот акредитатор да ни ја даде домашната акредитација и потоа во наредните три-четири месеци да работиме и најдоцна, според очекувањата до март 2008-ма, да може да се стартува користењето на фондовите. “

Symbolbild Euro Geld Haushalt
Како побрзо до европските фондови?Фотографија: BilderBox

Според вице-премиерот за земјоделство, Живко Јанкуловски, март 2008-ма е оптимистички термин и за да се стигне треба да се завршат повеќе обврски: ”За да забрзаме и да можеме во март 2008 да пристапиме кон одредени програми, ќе мора да го комплетираме составот колку што е можно побрзо и да ја направиме домашната акредитација, за што мислам дека треба да се ангажира министерството за финансии. ”

Вчерашната владина седница беше отворена за јавноста. Коневска и останатите министри му реферираа на премиерот, Никола Груевски пред граѓаните кои ја посетија владата и можеа да присуствуваат на седницата. Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, денеска патува во Брисел за да ги информира членовите на комисијата за надворешна политика за актуелната состојба, напредокот и предизвиците со кои се соочува земјата во пресрет на разгледувањето на извештајот што го подготви известителот за Македонија, во Европскиот парламент, Ерик Мајер.