1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До пари преку соработка

1 септември 2010

Министерството за локална самоуправа објави дека со пари од буџетот и од други извори ќе ја поттикнува меѓуопштинската соработка во Македонија. Износот пари, кои ќе се доделуваат преку јавен повик, не е прецизиран.

https://p.dw.com/p/OcRX
ВасилевоФотографија: Vanco Stojanov

„Нивото на таа соработка е се‘ уште ниско, поради фактот што голем број градоначалници, кои немаат ни иновативност, ниту иницијативност, ги сметаат своите општини како меѓусебно изолирани територијални единици“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор и експерт за локална самоуправа Јове Кекеновски, додавајќи:

„Придобивките од одвивањето на таа соработка се најразлични: рационалност и ефикасност во работата, размена на искуства и знаење, можност преку таа меѓуопштинска соработка со помош на поголемите и побогатите општини да опстојат помалите општини. На тие помали, главно, селски општини, да им се помогне во секојдневното работење и во реализацијата на надлежностите.“

Заштеда од 250 илјади евра за 5 години

Најдобар, но и редок пример за меѓусебна соработка се резултатите од веќе петгодишните искуства на Босилово, Василево и Ново Село, мали селски општини во струмичкиот регион. Сите заедно имаат 49 села и околу 40 илјади жители. Трите општини со заеднички административни служби им ги решаваат потребите на граѓаните: во Ново Село се концентрирани услугите од урбанизмот, во Босилово правните и инспекциски работи, а во Василево даноците. Наместо вкупно 45 вработени во сите општини, сега само 13 лица во сите 3 единици на локална самоуправа ги вршат овие општински надлежности.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове Кекеновски, универзитетски професорФотографија: Jove Kekenovski

„Ефектите од петгодишното функционирање на заедничката администрација се: задоволни граѓани и остварени финансиски заштеди од вкупно 250 илјади евра за сите три единици на локална самоуправа“, вели градоначалникот на Василево Ванчо Стојанов и укажува:

Gemeinde Vasilevo in Mazedonien
Во Василево се концентрирани работите од сферата на даноциФотографија: Vanco Stojanov

„Потребата од заеднички служби е неминовност, посебно за нас, малите општини, затоа што ние немаме доволен фискален капацитет, за да ги имаме сите надлежности, кои и‘ припаѓаат на секоја општина.“

Професорот Кекеновски нагласува:

„Сите општини не водат сметка за можноста која им се дава со законот: да можат да формираат заеднички органи. Другите единици на локална самоуправа мора да се угледаат на Босилово, Василево и Ново Село, кои направија такви одделенија. Со тоа немаме удвојување на административниот персонал. Така се врши и растоварување, порационални и поефикасни единици на локална самоуправа.“

„Нов квалитет во животот на населението“

Малата селска општина Виница од истокот на земјата, заедно со соседните Делчево, Берово и Пехчево лани шест месеци заеднички работеа на полето на промоцијата на постојните и на можните бизниси, со цел овој регион со околу 60 илјади жители и 36 села да излезе од анонимноста, да се донесат нови инвестиции и нов квалитет во животот на населението на Малеш и Пијанец. За овој крај е изработен бизнис-каталог, а инвестиционите потенцијали и дигитализираните урбанистички планови им се достапни на сите заинтересирани вложувачи на соодветна веб-страница на интернет.

Vane Stojanov, Bürgermeister Vasilevo, Mazedonien
Ванчо Стојанов, градоначалник на ВасилевоФотографија: Vanco Stojanov

Во врска со меѓуопштинската соработка градоначалникот на Виница Емил Дончев посочува:

„Помали општини, не зборувам сега за Виница, се такви како Зрновци, Карбинци и други, кои немаат доволно кадар за изработка на проекти. Со меѓуопштинската соработка поголемите општини стануваат се‘ поблиски и поголеми и им помагаат на помалите општини.“

Сегашното тенко досие во овој домен на функционирањето на македонските општини, сепак, полека започнува да се пополнува со нови испишани страници со успешни приказни за меѓуопштински партнерства и во другите делови на земјата. Кон крајот на ноември, минатата година, Министерството за локална самоуправа и УНДП на 24 општини им доделија неповратна парична помош од 200 илјади евра на 24 единици на локална самоуправа. Заедничките проекти на повеќе општини ќе обезбедат полесен пристап до фондовите на ЕУ. Со овие проекти општините ќе соработуваат во пет области: финансиска ревизија и управување, во донесувањето заеднички урбанистички планови, во локалниот развој, во наплатата на даноци и инспекцискиот надзор. Интересот за ваква помош продолжува да расте.

Vasilevo in Mazedonien
Заедничките проекти на повеќе општини ќе обезбедат полесен пристап до фондовите на ЕУФотографија: Vanco Stojanov

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска