1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До 400 евра казна- за седење на скали

Елизабет Шумахер
10 август 2019

Додуша, станува збор за можеби најпознатите скали на светот: Шпанските скали во Рим. Но, и Римјаните го кренаа гласот против таквото ситничарење додека целиот „Вечен град“ очигледно пропаѓа.

https://p.dw.com/p/3Nef9
Italien | Rom - Spanische Treppe
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Seidel

За волја на вистината треба да се каже и дека на Шпанските скали за време на сезоната веќе подолго време често не може воопшто да се помине од големиот број туристи кои таму седнуваат да здивнат. Бидејќи тоа е проблем: голем број туристи од година во година доаѓаат во Рим и неуморно ги посетуваат знаменитостите во Вечниот град. А кога ќе се умори човек во Рим нема многу клупи каде може да се одмори. Да се седне во кафуле и да се плати вртоглаво скап пијалок - исто така, за многумина не е опција.

Останува тогаш да се седне на едни од најпознатите јавни скали на светот: Тринита деи Монти како што се викаат бидејќи водат до истоимената црква од каде се простира убав поглед на Рим. „Шпански“ се нарекуваат бидејќи поминуваат од Шпанскиот плоштад (Пијаца ди Спања) каде некогаш навистина се наоѓала амбасадата на Шпанија при Светата Столица - и која дури била и службено на територијата на Шпанија.

Видео-прилог на темата:

Рим со казни за непристојните посетители

Обвивка од сладолед? Тогаш 400 евра.

Но, оваа недела, додека туристите сето ова можеби го читале во својот туристички водич додека седеле на Шпанските скали, полицајците почнаа со „чистење“. Градската управа всушност пред извесно време одлучи таму да забрани седење, но дури во вторникот полиција почна и да наплаќа казни од уморните туристи. 250 евра за седење, а ако некој уште донел нешто за јадење или за пиење и така ги загадува скалите, казната е веднаш 400 евра. Меѓутоа многу граѓани на Рим сметаат дека е бизарно градот да се занимава со таква ситница пред големите проблеми кои ги има во градот.

Бидејќи, иако старите Римјани биле познати по градење патишта, главните сообраќајници во денешен Рим се навистина преполни со дупки. Граѓаните постојано се жалат оти по секое невреме може да потраат и месеци додека гратската управа не го собере отпадот кој е нанесен, гранки кои паднале и други препреки. Јавниот превоз во Рим е во катастрофална состојба, а и постојано се одложува изградбата на нова линија на подземната железница.

Petersdom, Rom
Фотографија: picture-alliance

Туристи сѐ повеќе...

Забраната за седење на скалите е дел од уредбата која Рим го воведе минатата годна. Бидејќи покрај туристите, низ градот редовно патролираат и групи просјаци и улични продавачи, а со оваа уредба се забранети на пример и настапите на „уметниците“ кои се облекуваат во разни историски личности од долгата историја на Рим и „за мала награда“ им позираат на туристите.

Не се само Шпанските скали „заштитени“ со новите уредби: забрането е и задржување и јадење покрај цела низа римски споменици. Дури забранет е и промет на туристичките автобуси кои ги водат гостите на разгледување низ центарот на градот.

Од друга страна, туристите можат да забележат и повеќе полицајци во градот. Досега главно само предупредуваа и се закануваа, но очигледно сега им е наложено да почнат да собираат казни. Но, исто така, се' уште има многу повеќе туристи отколку полицајци. Во некои делови во градот има и повеќе отколку Римјани. И тешко дека многу работи и ќе се променат.