1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драга Европска унијо....

Светлана Јовановска
4 јануари 2019

Новогодишно писмо на Светлана Јовановска на бриселска адреса...

https://p.dw.com/p/3B26K
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Драга Европска унијо,

ние од Македонија ти посакуваме среќна и успешна Нова 2019 година. Искрено, не сме толку загрижени за тебе. Повеќе се секираме за нас самите. За тебе знаеме дека секогаш си успевала да се снајдеш. Особено кога си во криза.

Кризата кај тебе е честа, таа трае и трае и трае, една криза следи по друга, но секогаш си успевала да се извлечеш здрава и жива. Можеби не посилна, но застаната на нозе. И тоа е нешто. Сега чекаме и од оваа последна Брегзит криза да се извлечеш.

Затоа што без тебе, тешко ни се пишува. И да не заборавиш дека ние направивме тежок договор со Грците само поради тебе. Добро, има и други причини како на пример добрососедство и желба регионот да ни биде убав и мирен. Ти беше најважната.

Овде во Македонија, некои од нас не ти предвидуваат некоја блексава иднина. Некои од нас дури би биле среќни ако почнеш да се распаѓаш на составни делови. Кога Велика Британија реши да те напушти, овде кај нас во Македонија некои триеја раце  си велеа – ете, толку беше со Европската унија. Некои те навредуваа со имиња што пристојноста не ми дозволува да ги повторам. Сега на крајот, излегува дека ти всушност си победила во таа несакана авантура. Некои тријат раце и кога те напаѓа оној прекуокенскиот каприциозен претседател што се одѕива на име Доналд. Досега видовме дека не се предаваш толку лесно пред неговите провокации. Продолжи така.

Ние во Македонија сме малку чудни и контрадикторни. На пример, се ситиме кога не ти е добро а од друга страна, умираме од желба да дојдеме кај тебе. Не на гости. Тоа секако го правиме. Да дојдеме и да останеме засекогаш и ти да ни помагаш да живееме добро. Со совети. И со пари.

Некои од нас, пред неколку години, правеа кампања против тебе. Почнаа да измислуваат работи од типот – ако се вселиме кај тебе, нема да можеме да правиме ракија и ајвар. Тоа даде ефект па денес кај нас се помалку луѓе те сакаат. Помалку но доволно за да тргнеме на пат кон тебе.

Не сме само ние виновни за падот на љубовта. Виновна си и ти. Сакаме да знаеш дека твоите кризи и маки се неспоредливи со нашите кризи и маки. Не претеруваме. Еве ти примери.

Цели 27 години ти не не сакаше кај тебе затоа што еден член од твоето семејство упорно ни ја држеше вратата затворена. Ние тропавме, ѕвоневме, молевме да не пуштиш....  и ништо. Другите членови на твоето семејство го молеа тој член да не пушти да влеземе, велеа дека сме умни и дека нема да правиме хаос. Вратата сепак остана затворена. Тој член од твоето семејство сакаше да не прекрсти. А тоа, ќе признаеш, е тешко. На крајот, видовме не видовме, решивме да ја послушаме народната мудрост според која поумниот попушта. И ете, на најдобар пат сме да си го смениме името. Па дури и станавме пријатели со членот што ни ја држеше вратата затворена. И сето тоа од љубов кон тебе.

Добро, знаеме дека е таков куќниот ред кај тебе, па си велиме дека и ние, кога ќе вселиме кај тебе, ќе си играме забрани и блокади со некој друг. Но, затоа потоа. Ти ни вети дека ќе не викаш Македонци а нашиот јазик македонски па, што е тука е, ќе бидеме Северна Македонија. Со тоа и ние ќе имаме нешто северно. Велат дека на север поубаво се живее.

И се надеваме дека нема да ја заборавиш жртвата што ја поднесовме за да ни отвориш порти. Жртвата е толку голема што може да се напише и со големи букви и да се крсти „Име и Правда”. Да, да. Толку многу направивме. Сега го имаме Преспанскиот договор којшто е, ќе признаеш, убавата вест од 2018 година.  Со сите негови згоди. И особено незгоди. За жал, барем досега, неговите незгоди се далеку почести од неговите убави мигови. Ќе се согласиш дека договорот од Преспа заслужува подобра судбина од онаа што му ја предвидуваат опозиционерите кај нас и кај соседот што бараше да се прекрстиме.

Е сега, ние сакаме да ги почнеме преговорите за преселбата кај тебе. Ти повторно неодредено климаш со главата во стилот – ќе видиме, имате уште работа.

Добро, знаеме дека сакаш да ја кренеме главата од регионалната прашина, да станеме позрели и поумни. Верувај, ние уште повеќе од тебе тоа го сакаме и ветуваме дека ќе силно ќе се трудиме во јуни да добиеме преодна оценка за преговори. Знаеш и самата дека за нас е тоа од суштинска важност, особено во маалската клима на кавги помеѓу комшии кои, како тргнало, можат да завршат со тепачки, поделби или кроења на граници. А ние сме мирољубиви.

Втора работа што тешко ќе ти ја простиме е азилот за нашиот пастир. Се правиш дека не знаеш многу на таа тема и дека, повторно, твојот куќен ред не ти дозволува да се замешаш. Но ние си го сакаме нашиот пастир дома. Имаме со него некои нерасчистени сметки. И те молиме да ни помогнеш. Како? Па ќе му кажеш на унгарскиот домаќин на азилантот, и тоа јасно и гласно, дека има правила на убаво однесување што треба да се почитуваат. Како во секој пристоен дом. Не треба да се колебаш. Домаќинот на азилантот ти прави и други проблеми. Посериозни. А кај тебе дома доаѓаат избори. Зарем ќе му дозволиш да победи?!

А пропо изборите. Признаваме дека не сме експерти по добри избори. Ако погледнеш каков претседател ние одбравме.... подобро е да не го слушаш нашиот совет. Ветуваме дека истата грешка нема да ја повториме и годинава кога ќе бираме нов шеф на државата.

Сепак, имаш многу пропусти што ќе се одразат на изборите во мај. Толку многу што некои најавуваат  промена на твојот куќен ред ако станат газди. И тоа во лоша насока на „трампизмот”. А тоа, ќе се согласиш, за тебе не е сосема здраво. Во земјата на Трамп има само една куќа и доволно кучиња чувари за да не се распадне куќата. Барем така сите се надеваат. Кај тебе градбата не е на еден темел туку на повеќе. И има ризик да попушти. Послушај го нашиот совет и памет в глава.

Уште некој збор за твоите избори. Искрено се надеваме дека ќе изберете способни и посветени про-европски политичари. Видено од денешен аспект, хоризонтот не е сосема син. Не успеавме да видиме вистински лидери но имаш доволно време оваа зима и пролет да ги најдеш и кандидираш политичарите што ти сакаат долг и здрав живот.

Германката Ангела ја сакаме, но таа решила наскоро да се пензионира. Од Французот Емануел очекувавме многу, но денес сме разочарани. Од чекање тој нешто да направи почнавме и корења на пуштаме, како што се вели кај нас. Некни Емануел рече никој да не се секира, дека тој ќе настапи на европската сцена. Но, прво ќе им напишел писмо на Французите.

Убаво би било и нам да ни напише писмо. Да ни каже што точно сака за да ни даде позитивна оценка за преговори. Минатата година нé разочара. Нé остави на повторувачка клупа, а толку лоши не бевме. Наводно, поради еден друг ученик д соседната клупа. Бидејќи тој никако да ни пише, еве ние да му ја честитаме Новата година и да го замолиме да биде педагог. Да ни дозволи, нам и на нашиот сосед, да преговараме. Тоа е вистинската мотивација.

Нека ни е на сите среќна Новата 2019 година.