1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматична седница на кипарскиот парламент за реформите

ЕМФ/дв6 септември 2013

Европската помош за Кипар за малку немаше да може да се реализира поради отпорот на парламентот во Никозија на дел од мерките за штедење. Пратениците, сепак, во последна минута рекоа „да“.

https://p.dw.com/p/19cwp
Фотографија: picture-alliance/dpa

На итна седница на Парламентот, на крајот, длабоко во ноќта (05/06.09), беше дадено зелено светло за реформите за кои се водат контроверзни дебати. Реформите се предуслов за земјата да ја добие наредната транша помош во висина од 1,5 милијарди евра. „Повторно можеме да дишеме“, изјави соработник на Министерството за финансии за агенцијата ДПА по гласањето.

По долга седница, која траеше со часови и во текот на која се водеше жестока дебата, мнозинството пратеници гласаше за предлог законот со кој помалите банки ќе бидат ставени под директен надзор на Централната банка.

Protest in Nikosia Zyperns Parlament stimmt über Spar- und Hilfsprogramm ab
Протести поради мерките за штедењеФотографија: Reuters

Парламентот во Никозија до вчера беше против ваквиот закон. Потоа беше свикана итна, вонредна седница во текот на ноќта, а министерот за финансии Харис Георгијадис преговараше со шефовите на опозиционите пратенички групи во обид да ги премисли. Истовремено, пред зградата на парламентот, против курсот на штедење протестираа повеќе стотици левоориентирани демонстранти.

Кипар од ЕУ, ЕЦБ и ММФ треба да добие помош во висина од 10 милијарди евра. Еврогрупата на 13 септември треба да даде зелено светло за наредната транша. За возврат, Кипар мора да спроведува мерки за штедење, чиј дел е и отпуштањето работници, приватизација на државни претпријатија и реформа на финансискиот сектор.