1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Древс: Ќе ги спречиме инцидентите на Косово

Бахри Цани/Александар Методијев5 мај 2012

Утре (06.05) на Косово се одржуваат избори за Претседател на Србија и за пратеници во српскиот парламент. Се проценува дека тоа може да предизвика инциденти.

https://p.dw.com/p/14qSw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот генерал на чело на КФОР Ерхард Древс за Дојче веле вели дека се радува што има дополнителни сили од Германија и Австрија и е убеден дека силите на КФОР ќе спречат инциденти.

„Тоа зајакнување беше мерка на претпазливост, донесена пред две недели, кога уште не беше јасно на кој начин ќе бидат организирани српските претседателски и парламентарни избори. Не’ радува тоа што ги имаме тие сили, бидејќи на тој начин ќе можеме да го зајакнеме присуството во целата земја. Јас сум оптимист, бидејќи мислам дека ќе бидеме во состојба да спречиме и поголема напнатост и инциденти“, изјави генералот Древс за Дојче веле.

Изборите на Косово ќе ги спроведува ОБСЕ, откако за тоа постигна согласност со Приштина и Белград. Но освен изборите, тензијата на Косово ја поткреваат и случувањата во северниот дел. Неодамна во тамошните судири имаше и жртви.

„Точно е дека судирите ги разгореа духовите и атмосферата, па и реториката во медиумите и на важните политички фактори поприми нервозен тон. За среќа, ситуацијата во последните денови е значајно помирна, бидејќи и политичарите станаа поумерени во реториката, а и медиумите во известувањето. Освен тоа, КФОР значајно го засили присуството во критичните области“, објаснува генералот Древс.

Bundeswehr Kosovo Force-Truppen KFOR 2012
Силите на Бундесверот како дел од трупите на КФОР на КосовоФотографија: dapd

Изборите имаат потенцијал за конфликти

Тој оценува дека претстојните избори имаат конфликтен потенцијал, но во исто време е убеден дека се преземени сите мерки за безбедност и дека викендот ќе мине без проблеми. Во однос на одговорноста за тензиите на северот од Косово и за шпекулациите дека зад нив стојат криминални групи, па можеби и српската полиција, Древс вели дека владите во Белград и Приштина треба да бидат свесни за својата одговорност кон Косово.

„Тие на тоа мораат да му пристапат трезвено и без подбуцнувачка реторика, како последниве денови. Одговорноста на северот од Косово ја сносат и локалните претставници, кои не секогаш се подготвени за смалување на нервозата. Но, тука е и меѓународната заедница и меѓународната мисија во земјата. КФОР има задача да ја спречи напнатоста и да ја контролира безбедноста. Како исклучено го сметам военото решение на овој конфликт“, нагласува германскиот генерал.

Тој укажува и на важноста Белград и Приштина да го спроведат својот дијалог. Но, генералот Древс има порака и до владата во Приштина.

„И владата во Приштина мора да се насочи кон своите граѓани на северот од земјата и да ги убеди дека се интегрален дел од косовската држава, бидејќи во моментов српското население на северот од Косово не е подготвено да се вклучи во косовската држава“, оценува германскиот генерал Ерхард Древс во интервјуто за Дојче веле.