1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дружба да, политика не!

28 декември 2009

Близу 5 децении основното училиште „Братство – Единство“ во Охрид е вистински пример за мултиетничност и соживот. Другарски релации не се создавале само меѓу учениците, туку и меѓу наставниот кадар.

https://p.dw.com/p/LEp3
Колешки и пријателки - Љубинка Михајлоска, Ферие Лика и Фахрие РеџепФотографија: Milco Jovanoski

Дружбата и колегијалноста меѓу: Љубинка Михајлоска, Ферие Лика и Фахрие Реџеп е долгогодишна. Не им пречи што едната е Македонка, другата Албанка, а третата Турчинка. Заедно пијат кафе, зборуваат за работата за секојдневието, а велат дека политиката најмалку „меша прсти“ во нивните меѓусебни контакти. Најверојатно ваквите пријателства се „раѓаат“ спонтано и никој не се сеќава на денот или поводот. Но, јас ги пречекав во училиштево, вели највозрасната Ферие: „Фарие ми беше ученичка, ја знам уште од малечка. Татко и‘ ми беше колега. Љубинка ја запознав веднаш по нејзиното вработување. Кога Фарие заврши и ни‘ стана колешка се разви соработка и пријателство кое еве, трае со години.“

Фарие го потврдува тоа: „Како и кога почна не можам да се сетам. Најверојатно тоа се пријателства кои почнуваат спонтано. Ги наоѓаш сродните души. Можам повеќе да се потпрам на Љубинка, отколку на некоја колешка која е од мојата националност.“

„Празниците и поводите ги славиме заедно“

На Велигден и Бајрам се посетуваме и си ги честитаме сите останати поводи, ни‘ рече Љубинка. „Во дружбата се вклучени и нашите семејства. Ги почитуваме и повозрасните и помладите. Во даден момент исполнуваме обврски и ситуации, честитки за што било.“

Urteil Muslimischer Schüler
Училишните простории - место за настава, но и за пријателства за цел животФотографија: DW

„Неодамна беше Бајрам. Љубинка беше кај мене, на баклава и на турски чај, тоа ни‘ е ритуал. Јас на секој празник ја посетувам Љубинка. Тоа е дел од животот, тоа така треба да биде, како што би посетила секој друг. Воопшто не станува збор за празник , туку ако се слави треба да се честита и да се оди кај другиот. И не мора да има некоја посебна покана за јас да дојдам или таа да дојде кај мене на кафе или на посета“, додава Фарие.

Си ги делиме заедно сите победи и порази, та, нели животот не е само розов, вели Ферие: „Човек ги одбира пријателите како човек, а не како националност. Тоа е најубавото нешто што меѓу нас се има случено. Целото наше пријателство е однос меѓу три личности, а не три националности.“

„Во мешани смени беше уште поубаво“

Ферие по малку жали за времето кога работеле во мешани етнички смени. Тогаш било уште поубаво.

„Во училиштево сум 30 години. На почетокот работевме во мешани смени. И тоа беше огромно пријателство. Кафе се вареше на голем одмор. Не е важно дали вари Ружа или Зиран. Се честеше, се пиеше. Заедно ги решававме проблемите. Деца како деца ќе се скараа, ама не на национална база.“

И додека го допивавме заедничкото кафе во училишната библиотека, прашав: во време на сеопшта криза, па и во моралот и духот - дали им љубоморат?

„Не. Сметам дека сме отворен мултиетнички колектив за соработка. Негативно би ви одговорила дека нема такви“, ни‘ рече Љубинка на заминување.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска