1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дружењето поважно од резултатот!

18 јануари 2012

Македонците и Германците во Скопје заеднички го следеа ракометниот натпревар во дворот на германската амбасада. Секој навиваше за својот тим но во преден план беше дружбата.

https://p.dw.com/p/13lCS
Германската амбасада во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Речиси два часа одличната игра на македонските ракометари им ја грееше душата на неколку стотици навивачи кои во живо на два големи екрана во дворот на германската амбасада во Скопје го следаа натпреварот против Германија. Иако домаќини беа германските дипломати, поголемиот број од присутните навиваа за Македонија.

Греано вино, скопско пиво и братвурст

Стана традиција германската амбасада во Скопје да организира заеднички следења на важни спортски натрпевари во кои настапува македонската или германската репрезентација. Синоќешниот дуел ги собра на исто место Германците кои живеат во Скопје, германистите и голем број Македонци, пријатели на Германија. На студот од неколку целзиусови степени под нулата му пркосеа на типично германски начин: со греано вино, пиво и оригиналниот колбас.

Handball EM Mazedonien-Deutschland
Неизвесен натпревар меѓу германските и македонските ракометариФотографија: Reuters

„Почнавме во 18 и 30, за половина час-триста колбаси. Се изедоа 300 оригинални германски братвурст колбаси, сега гостите можат да продолжат со греано вино и со скопско пиво“, вели човекот задолжен за скарата.

Тесна победа за Германија

Домаќинот, заменик амбасадорот Валтер Лојкс призна дека Македонија била рамноправен противник.

„Беше многу тесна победата. Македонците играа одлично што е навистина фантастично имајќи го предвид фактот дека Македонија по бројот на жители е четирисет пати помала од Германија“.

На полувремето кога резултатот беше изедначен Френк Штусел од одделот за култура во Амбасадата не сакаше да прогнозира, но рече дека ќе се радува без оглед на епилогот.

„Не знам, не би сакал ништо да прогнозирам. Само можам да претпоставам дека играта и натаму ќе биде добра а натрпеварот интересен. Каков и да е резултатот на крајот ќе се радуваме бидејќи ние сме Германци а живееме во Македонија. Така што за нас нема лош резултат“.

Sport Handball EM Mazedonien gegen Deutschland
Германските ракометари на крајот се радувааФотографија: dapd

Културното аташе Катерина Нојман навиваше за Македонија:

„Македонија е сега мојата земја домаќин, Македонија е мала земја и и посакувам среќа, се надевам дека вечерва ќе има успех“.

Бројните гости беа задоволни од гостопримството. Германија и Македонија се вистински пријатели и кога ќе се соочат на спортските терени заедничкото навивање е вистинско уживање.

„Комлекс на настани, луѓе, Германци, наши, се чуствува блискост, нема непријатели има само две различни страни“, велат гостите.

На крајот честитки примаа оние кои го бодреа германскиот тим со признание дека македонските ракометари беа рамноправен противник. Дружењето, навивачката еуфорија, возбудливиот и неизвесен натревар не оставија место за разочарување од поразот.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Ж.Ацеска