1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Друцас: Треба конструктивност од обете влади!

Силвера Падори-Кленке14 јануари 2014

Димитриос Друцас во Берлин зборуваше за грчкото претседателство. Тој со ниту еден збор не ја спомна Македонија, но за ДВ истакна дека се надева дека двете влади конструктивно ќе го третираат проблемот меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/1Aq4T
Фотографија: AFP/Getty Images

Диплoматија, политичко искуство и умешност му беше синоќа потребна и не му недостигаше на Димитриос Друцас (на насловната фотографија), поранешен министер за надворешни работи во владата на Папандреу, кој пред берлинската публика на кругот пријателите на Аспен институтот говореше за актуелната состојба во Грција и претседателството со ЕУ.

На Друцас му појде од рака во едночасовната дискусија да се задржи на темата „Грчкиот пациент кој стана претседател со ЕУ“, а притоа во ниту еден момент да не ги допре „жешките“ теми што се однесуваат на соседството: Македонија и Турција.

Наспроти широката елаборација во која не изостанаа ниту критичките оценки упатени на адреса на актуелната политичка гарнитура на Грција, Друцас остана доследен на познатите грчки позиции кога станува збор за Македонија. На прашањето на ДВ: Како гледа на можното решение на спорот со името, екс првиот дипломат со одбрани зборови, без ниту еднаш да го спомне името на земјата, ниту применуваната несакана кратенка, но не давајќи ниту милиметар простор за подетални дообјаснувања, одговори:

„Проблемот е добро познат. Што се однесува до Балканот, исто е добро познато дека Грција секогаш била мотор на европското проширување. Ако смеам, би потсетил на последната иницијатива на Грција - Агендата 2014. Грција како и порано силно верува во потребата Европската унија да се прошири врз сите балкански држави. Се надеваме дека ова скоро ќе може да го видиме. Грција секогаш оваа желба ја изразувала и се залагала за конструктивно решение на проблемот меѓу нашите две земји. Јас можам уште еднаш да ја изразам надежта дека двете земји, двете влади, овој проблем конструктивно ќе го третираат. Се надевам дека Европската унија и сонот кој го имаме - сите држави од Балканот да станат полноправни членки на Унијата што поскоро ќе може да го видиме. Тоа е нешто во што Грција секогаш верувала, верува и тоа е нешто за што Грција секогаш работела, работи и ќе работи“, изјави за ДВ Димитриос Друцас, по синоќешната дискусијата организирана од Аспен институтот и „Дојчлландрадио култур“ за темата: „Пациентот стана претседател: нова влада во Германија, ново грчко претседателство со Европскиот совет - Зема ли Европа замав?“.

Политичка волја

За разлика од изминативе години, за 2014-та грчката статистика гледа подобрување кое е оквалификувано како „светлина на крај на тунелот“. Друцас смета дека таа светлина „не е од воз што доаѓа во пресрет од спротивната насока“. Но, проблемите без суштинските реформи и натаму остануваат последица на политичкиот систем на Грција, кој е симбиоза на тројството на политиката, претпријатијата водени од олигарси и медиумите. Ваквата тројна врска, според Друцас, не доведе само до финансиската, туку и до кризата на вредностите и на демократијата во Грција. Затоа тој смета дека е потребна „промена на политичкиот персонал“ кој веќе две генерации придонесува грчкото општество да живее во ваква атмосфера, зашто на многумина им е добро и не ги посакуваат промените со кои би ги изгубиле повластиците.

Namensstreit - Gespräche
Се бара конструктивност од обете земји и влади (архивска фотографија)Фотографија: MIA

„Не сакам да ја критикувам владата, но политиката стои зад оваа ситуација. Доколку навистина се сакаат реформи, треба нови луѓе и граѓаните треба директно да одлучуваат за овој процес“, подвлече во расправата Димитриос Друцас, истакнувајќи дека сите структурни промени, сите реформи „сѐ е прашање на политичка волја“.

Дека и решението на спорот околу името меѓу Македонија е Грција е подеднакво прашање на политичка волја Друцас не коментираше. Но, на прашањето на ДВ: Колку има вистина во гласините дека во Виена израснатиот правник со грчки корени, е иден комесар за проширување, Друцас со кус коментар: „Тоа јас не го одлучувам. За тоа решаваат други!“.