1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ или ДПА - прашање е сега!

Александар Чомовски17 јуни 2008

Партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ во наредните неколку денови ќе почне дебата околу коалицијата со албански партнер и конституирањето на парламентот. На мандатарот, Никола Груевски не му е лесно во комбинирањето.

https://p.dw.com/p/ELYb
Никола Груевски на жежок столФотографија: AP

Мандатарот Никола Груевски на почетокот на кампањата јавно се изјасни дека би сакал да ја продолжи традиционалната владина соработка и сојузништво со ДПА и Мендух Тачи: „Се разбира дека по изборите ќе преферираме да бидеме со албанскиот партнер со кој што бевме и досега.“

Но, Груевски го очекува деликатна фаза – како да се соочи со изборните резултати што му донесоа уверлива победа на Ахмети и неговата ДУИ, односно седум мандати повеќе од ривалите во ДПА. Пред две години Груевски почна преговори со ДУИ и со Ахмети, но изненадувачки ги прекина и притоа настанаа политички конфронтации меѓу двете партии. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е уверен:„Не мислиме дека грешките од 2006-та ќе се повторат. Верувам дека извлековме поука“, вели тој, додавајќи: „Само ако се почитува гласот на Албанците, на нивното мнозинство, можеме да имаме одржлива стабилност.“

Кои се резервните варијанти на ДУИ?

Доколку и овојпат не се почитува волјата на Албанците и изборот падне врз ДПА, во ДУИ веќе се работи на резервна варијанта, што би значело радикализирање на политичките состојби во Македонија и пред се‘ меѓуетничките тензии. Во тој контекст, регионализација, па и кантонизација на Македонија е една од можните варијанти. Столб на ваквата поделба ќе биде и доминацијата во општините каде што мнозинство се Албанци, а градоначалници се кадри на ДУИ. Затоа Ахмети инсистира на т.н. Бадентерово мнозинство, што би значело партиите победници во двете етнички заедници да формираат влада. Универзитетскиот професор, Билјана Ванковска, во еден телевизиски настап коментираше: „Ако се примени тој принцип под притисок, под закана, а по слободен избор на идниот мандатар, тоа би било вовед во федерализација. Значи, дали сега некој се заканува со федерализација или го прифаќаме т.н. Бадентеров принцип за формирање влада, мене двете работи ми изгледаат исти. “

Што со евентуална влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ?

Доколку дел од идната коалиција бидат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, тоа на владата би и‘ обезбедило апсолутно двотретинско мнозинство, од 81 глас, што пак би значело совладување на сите прашања што имаат приоритет, од спорот со Грција, се‘ до можното воведување на албанскиот јазик како официјален. Аналитичарот Мерсел Биљали вели: „Тој е најверојатно во дилема – дали да продолжи со т.н. традицонален негов партнер или да ја почитува волјата на албанското мнозинство, зашто е политички позрел. Значи со тоа практично би се формирала поодговорна и пофункционална влада.“

Но, тоа би значело дека Груевски ќе мора да го совлада внатрепартискиот отпор кон ДУИ, која во неговата ВМРО ДПМНЕ сеуште се доживува како партија на албанските „радикали“ и следбеници на ОНА или „терористи“ како што ги нарекуваат во ВМРО ДПМНЕ.