1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ и НД бараат меѓународен надзор на пописот во 2011

18 април 2010

Третиот попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија ќе се спроведе од 1 до 15 април 2011 година. Но, веќе отсега почнаа политизирања на оваа значајна статистичка операција.

https://p.dw.com/p/MzWx
Фотографија: AP Graphics

„Операција за исчезнување 40000 Албанци“, „Државниот завод за статистика се подготвува за фалсификати“, „Македонците имаат за цел преку пописот да го намалат бројот на Албанците од 25 под 20 проценти, за да потоа им ги одземат правата здобиени според Рамковниот договор“ – вакви и слични тврдења можат да се прочитаат и да се чујат се‘ почесто од изјави на претставници на партии и демографи и други експерти од албанската заедница, кои ги пренесуваат медиумите на албански јазик во Македонија.

Сомневањата во објективноста на пописот се нараснати веќе толку што владината Демократска унија за интеграција и Нова демократија на Имер Селмани најавија дека ќе бараат меѓународно набљудување на пребројувањето на населението.

„Не е можна порадикална промена кај бројот на албанската заедница“

Ермира Мехмети, потпаролката на ДУИ, вели за Дојче веле: „Една година пред почнувањето на пописот, се чини, се создава атмосфера во која се даваат претпоставки со одредена доза на резервираност околу тоа каков ќе биде исходот од пописот. Не сакам да замислам дека некој ќе може преку фалсификати да манипулира со резултатите од пописот. Ние не сакаме да веруваме дека атмосферата се враќа во минатите години, кога Албанците го бојкотираа првиот попис во самостојна Македонија. Пописот мора да биде спроведен под меѓународно набљудување, како што беше тоа во 2002-та година.

Mazedonien Land und Leute Tetovo
ДУИ: Попишувачите на теренот ќе треба да ги застапуваат сите етнички заеднициФотографија: Petar Stojanovski

Мехмети дополнува: „Попишувачите на теренот ќе треба да ги застапуваат сите етнички заедници, согласно со нивното процентуално учество во населението во земјата. Само таков попис ќе може да гарантира транспарентност со легитимни резултати, кои ќе можат да бидат прифатени и признати од сите етнички заедници во Македонија. Статистичките експерти треба да ги земат предвид природните демографски движења, при што сметам дека е неможно постоење порадикални промени во етничката структура на вкупното население, особено не кај албанската етничка заедница, чиј статус и права се гарантирани со Рамковниот договор. Нема простор за сомневање како ќе дејствува ДУИ: нашата цел ќе биде да се обезбедат легитимни, објективни и прифатливи резултати од пописот.“

„Со законот за попис да се формира и домашен надзорен орган“

Гласноговорникот на Нова демократија Аријанит Хоџа е на мислење: „Ако Албанците се застапени само со 10 отсто од вработените во статистичкиот завод и штом таму нема ниту еден Албанец на раководно место, тогаш апсолутно постојат сомневања и сигнали дека нешто може да не оди како што се очекува.“

Од Државниот завод за статистика ги отфрлаат барањата за меѓународен надзор на македонскиот попис: ниту една меѓународна организација нема да го надгледува, па ниту ЕВРОСТАТ, канцеларијата за статистика на Европската комисија.

Mazedonien Land und Leute Mann und Frau auf Parkbank
Непосредно по пописот од 16 - 22 април 2011 година ќе биде спроведено и постпописно истражувањеФотографија: Petr Stojanovski

Славка Атанасова, раководителката на Одделот за општествена статистика во Заводот за статистика, во ваквиот контекст нагласува: „Пописот ќе го реализираме согласно со упатствата и методолошките инструменти на соодветната иституција на Организацијата на Обединетите Нации и на централната европска статистичка институција. Ние уште од поодамна започнавме со темелни и интензивни подготовки, се‘ со цел да не бидат испуштени ниту едно домаќинство и ниту еден поединец. Имаме соодветни контролни механизми. Непосредно по пописот од 16 - 22 април 2011 година ќе биде спроведено и постпописно истражување со 1 отсто од сето население, со цел да се утврди опфатот на популацијата и квалитетот на добиените податоци.“

Аслан Селмани професор во Институтот за географија на Природно математичкиот факултет во Скопје, како аналитичар на демографските движења, нагласува: „Секој попис има свои недостатоци, но мислам дека тие овојпат ќе бидат сосема мали. Се зборува зачестено и ’наголемо’ дека ќе се крадат статистичките извештаи на попишувачите од теренот, но сметам дека тоа не ќе биде можно, ниту, пак, некој да сокрие нешто. Таквите извештаи ќе ги имаат и раководителите на пописните тимови.“

Најавено е дека следниот месец ќе биде донесен законот за попис. Портпаролот на Нова демократија Хоџа посочува: „Ќе поднесеме амандман во законот за попис, со кој ќе бараме да се формира една комисија, која нема да биде само експертска, туку и политичка - со улога на надзорен орган при пребројувањето на населението.“

Abakus
Броење на населението последен пат беше направено во 2002 годинаФотографија: Bilderbox

ДУИ ќе бара вработување повеќе Албанци

Партијата на Ахмети, пак, ќе бара во статистичката институција да се вработат повеќе Албанци - наместо сегашните 8,8% од вработените, да ги има 25%. Ова со цел „да не се оставел простор албанското население да ги оспори резултатите од пописот“.

Според пописот од 2002 година, Македонија тогаш имаше 2 милиона и 22 илјади жители. Македонците броеја околу 1 милион и 300 илјади лица, или ги имаше 64 отсто. Албанците учествуваа со околу 25% во вкупната популација, или таа година имаше 509 илјади жители од овој етникум во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска