1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ (не) оправдано отсутни во Белград

Катерина Блажевска3 јуни 2013

Политичките аналитичари во Македонија не веруваат во објаснувањето дека министрите на ДУИ не присуствуваа на заедничката седница на македонската и српската влада поради „неодложни обврски“.

https://p.dw.com/p/18j6G
Фотографија: Makfax

Заедничката седница на владите на Србија и Македонија што се одржа во палатата „Србија“, во македонската јавност го отвори прашањето на моноетничкото присуство на кабинетот на Груевски во Белград, кое остави впечаток за „двоглаво“ функционирање на македонската влада.

Во српските медиуми засега не се коментира отсуството на коалициските партнери на Груевски, а во Македонија темата се држи под „низок напон“. Министрите на ДУИ или се недостапни или одбиваат да ја коментираат заедничката седница без нивно присуство. Сите заедно се затскриваат зад изјавата што ја даде еден од владините портпароли, Мухамед Хоџа.   

„Непосредно пред заминувањето беше договорено на седницата да се отворат и прашања од екологијата, ресор што треба да го претставува министерот Абдулаќим Адеми. Сепак, поради негови неодложни обврски, во Белград мораше да отпатува заменик-министерот Стево Темелковски. Беше договорено на седницата да присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, но тој неделава ја почнува најавената дипломатска офанзива во пресрет на јунскиот самит на ЕУ“, изјави Хоџа.

Цело е кога има се‘

Политичките аналитичари не веруваат во искреноста на ваквите објаснувања.

Башким Бакиу од Институтот за политички истражувања и добро владеење, смета дека Македонија води погрешна дипломатија.

„Ако 'изговорот' е дека ваквите седници можат да придонесат за напредокот кон ЕУ, треба да се каже дека тој напредок е индивидуален и зависи од тоа колку земјите ги исполнуваат критериумите на Унијата. Еден од условите се и добрососедските односи, но и во тој контекст Белград не ни е приоритет. Неприсуството на министрите од ДУИ ја наметнува дилемата за поделеност во владата, за непостоење на консензус и за неусогласеност на приоритетите. Обидувајќи се да покажеме обид за добар потег, ќе направиме повеќе зло. 'Цело е кога има се' а во Белград присуството нема да биде 'цело', иако ДУИ има доволен број министри. Ваквите решенија нема да бидат целисходни, напротив ќе имаат негативен ефект, прво во коалицијата, а тоа ќе се рефлектира и во меѓуетничките односи“, вели Бакиу.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski
Владо Бучковски: Контрапродуктивна седницаФотографија: Petr Stojanovski

Сличен став има и поранешниот премиер Владо Бучковски.

„Заедничката седница на српската и македонската влада без учество на министрите од ДУИ е контрапродуктивна и штетна за регионалната стабилност и соработка. За жал, по откажувањето на претседателскиот самит во Охрид, не се извлече поука дека поради новата реалност во регионот - независна држава Косово, Македонија не може и не смее да се користи како монета за поткусурување. Се стекнува впечаток дека српската влада ја злоупотребува Македонија, нашиот претседател и нашата влада за свои дневно политички потреби - минатата недела околу самитот во Охрид, а денес со заедничката владина седница“, оценува Бучковски.

Причината е Косово

Ова е прва заедничка седница на македонската со влада на соседна земја. Беше најавена пред повеќе од една година, но се реализира во сензитивен политички момент – по откажувањето на Самитот на шефови на држави или влади на земјите од ПСЈИЕ, кој требаше да се одржи во Охрид. Тогаш Србија, БиХ и Романија, не се согласија Косово да биде дел од самитот, поради што претседателите на Албанија и Хрватска го откажаа учеството, а претседателот на Македонија, Ѓорѓи Иванов, на крајот го откажа Самитот.     

Алајдин Демири, поранешен амбасадор, вели дека приказната повторно се врти околу Косово. 

„Владината делегација е осакатена со неучеството на министрите Албанци. Соработката на ваква основа не претставува соработка меѓу две држави, туку го изразува игнорантскиот однос кон Косово. Ако таа соработка се сведува на некои сегменти од добрососедските односи, како договори за симиларно влегување на српската полиција по потреба во Македонија и на македонската во Србија и други видови соработка од прагматична природа, тоа значи дека истовремено се преиспитува ставот на Македонија кон независноста на Косово, од кое изгледа Србија не крева раце и покрај тоа што потпиша договор во Брисел. Позицијата на ДУИ овојпат е дволична и непринципиелна. Тие еднаш се залагаа да се потпише тој договор, а сега кога гледаат како се реализира-се попишманија. Ова е порака дека односите во коалицијата се на стаклени нозе, неискрени и лицемерни“, вели Демири. 

Abdulakim Ademi
Министерот Абдулаќим Адеми се оправда со неодложни обврскиФотографија: Petr Stojanovski

Колку се зафатени министрите?

Денеска министерот Адеми ја посети општина Тетово и се сретна со неговата сопартијка, градоначалничката Теута Арифи. На средбата, станало збор за досегашната и идната соработка во насока на заштита на животната средина.

„Утре започнува мојата десетдневна дипломатско-политичка тура низ европските престолнини Лондон, Брисел, Париз“, напиша вчера на својот твитер-профил министерот Бесими.

Иако во Белград се разговараше и за економска соработка, необјаснетото  отсуството на министерот за економија Ваљон Сарачини е „покриено“ со присуството на вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Според најавите на Владата, за неколку месеци треба да има и заедничка седница со албанската, а потоа и со владата на Kосово. Дали според сегашната „аналогија“, на тие седници македонската влада ќе ја претставуваат само министрите Албанци?

„Верувам дека не. Мислам дека и премиерот и министрите Македонции имаат интерес да бидат присутни таму,“, вели пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети. Македонија официјално испратила покана за заедничка седница и со владата на Бугарија, но се‘ уште чека одговор.