1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ прифаќа дијалог со Груевски под нејзини услови

Александар Чомовски23 февруари 2007

ДУИ е за дијалог со премиерот доколку се прифати барањето секоја идна влада да се избира со согласност на мнозинството Албанци во парламентот. Извори во македoнската влада за Дојче Веле изјавија дека вршење уставни измени е неприфатливо.

https://p.dw.com/p/Abz2
ДУИ условува
ДУИ условуваФотографија: AP

Идната влада да се гласа според Бадентеровиот принцип, со согласност на Албанците во парламентот и да се распушти постојниот комитет за етнички односи се двете клучни барања на кои инсистира опозиционата Демократска унија за интеграција како услов за одржување лидерска средба Али Ахмети-Никола Груевски. Побарана е и гаранција за правата на припадниците на ОНА кои се инвалиди, како и официјализирање на албанскиот јазик во парламентот. Дијалогот и договарањето би требало да го гарантираат амбасадорите на САД, ЕУ и НАТО во Скопје. Со ваков заклучок е отвореното писмо до ДУИ до премиерот, што вчера попладне го одобри партискиот врв, а денеска претпалдне ќе биде адресирано до владата. Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, по состанокот на партискиот врв во Мала Речица, изјави:

“И господинот Груевски, како и самиот господин Ахмети не сака и не би сакал Република Македонија да има лош меѓународен имиџ или да даде лоша меѓународна слика. Токму поради тоа, за да заврши оваа лоша состојба сака сериозно да го третира барањето за инсталирање на дијалогот и разговорите.„

Претходно лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за телевизијата Алсат, рече:

“Нема компромис. Побаравме идната влада да се гласа според Бадентеровиот принцип, за Албанците утре да имаат мотив да гласаат. Да не се натпреваруваме и да не ја трошиме енергијата – залудно да ги убедуваме гласачите зошто да се определуваат за ДУИ или за ДПА. На премиерот Груевски му гарантираме дека ДУИ и ПДП нема да бараат да станат дел од оваа влада. Тие можат да бидат сигурни дека ќе ги поддржиме сите закони во парламентот ако се прифатат нашите услови. “

Во владиниот кабинет за Дојче Веле потврдуваат дека премиерот би прифатил разговор со Ахмети, дури и можеби со учество на меѓународни посредници, но без условување и никако за промена на уставот што Македонија би ја вовело во конфередативен систем. Тоа би се случило доколку секоја македонска влада би се гласала исклучиво според Бадентеровиот принцип, односно со согласност на мнозинството Албанци во парламентот. Дојче веле дознава дека можната нова, шеста средба на премиерот Груевски и лидерот на ДУИ, Ахмети би била организирана наредната недела, откако ќе се анализира писмото со услови на Ахмети. Завчера претставникот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере изрази надеж дека дијалогот ќе се случи. “Нема потреба од наше присуство. Сите партии се доволно зрели дијалогот да го водат сами“, порача Фуере кој наредната недела ќе реферира во Европарламентот за состојбите во Македонија.