1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ тактизира со „клучот“ за Владата

19 декември 2016

ДУИ и да сака да коалицира со ДПМНЕ, по Прогласот тешко ќе може да ја поддржи и оправда антизападната реторика на Груевски, имајќи предвид дека интеграциите се клучен дел од платформата на ДУИ“, велат извори од партијата

https://p.dw.com/p/2UV0f
Mazedonien Parlamentswahlen- DUI- Anführer Ali Ahmeti
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Тактизирање и молк. Тоа се карактеристиките што го опишуваат однесувањето на ДУИ по прашањето дали се подготвени повторно да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ во новата влада. Аналитичарите сметаат дека таквиот чекор би бил „самоубиствен“ за ДУИ, бидејќи поради досегашното коалицирање со компромитираниот врв на ВМРО-ДПМНЕ од гласачите е казнета со двојно помал број освоени пратенички мандати - од 19 во 2014 година, на последните избори падна на 10. Како втора причина поради која се сомневаат дека ДУИ ќе влезе во нова прегратка со ДПМНЕ, е последниот проглас на Груевски, кој во основа значи прекинување на сите лостови со западните демократии. На овие теми следуваат кратки и штури одговори од ДУИ.

„Нас не нè интересира борбата за власт помеѓу македонските политички партии, бидејќи ниту една од нив не ги застапува интересите на Албанците. За нас, меѓународната заедница останува постојан партнер и пријател на државата“, изјави Бујар Османи за медиумите.

Во однос на плановите за коалицирање, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 тој изјави дека неговата партија има целосен легитимитет да ги претставува Албанците во Собранието и да преговара со кого сака за состав на нова Влада. Но, потенцира дека ќе влезат во коалиција само со онаа партија која ќе ги исполни петте ветувања до албанското гласачко тело, кои ги дале за време на изборната кампања.

„ДУИ има целосен легитимитет да ги застапува Албанците. Ова е 11-та победа по ред, по нејзиното формирање во 2002 година и ќе преговара со кој било партнер од можните коалиции, само врз основа на петте ветувања што ги даде со својата платформа, односно официјализирање на албански јазик, пропорционална распределба на буџетот и најважно од сè изнаоѓање решение за спорот околу името, како и интеграцијата на Македонија во НАТО. Ова се условите кои ги има ДУИ, за да влезе во коалиција“, изјави Османи.

Досегашната пратеничка на ДУИ, Ермира Мехмети, деновиве изјави дека независно од победата во бројки, ДУИ е морален губитник на изборите поради тоа што не се противела на политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, ДУИ треба да се реформира и засега да остане во опозиција.

„На прстите од една рака можат да се избројат луѓето од ДУИ кои се за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мехмети. Извори од оваа партија велат дека токму таа „мала група“ има големо влијание врз Ахмети, што не значи дека нивниот став и овојпат ќе биде пресуден.

Mazedonien Parlamentswahl Siegesfeier der Opposition
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Конструктивни“ само кога се на власт!

Што ќе пресуди - е прашањето што го поставуваат и политичките аналитичари и новинарите. Засега резултатите внесуваат повеќе незивесност. Драган Павловиќ - Латас во колумна под наслов „Утре“ се осврнува на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе состави влада со стариот партнер.

„ВМРО-ДПМНЕ десетти пат е победник на изборите, и ќе добие мандат за влада. Дали во таа влада ќе влезе ДУИ, како победник во албанскиот блок? Под притисок се на Тирана, Берлин, а секако и на американскиот амбасадор Бејли да не прават владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, да се формира широка влада со сите, која ќе има задача да го смени името според планот на Атина, и да се спроведе двојазичност и кантонизација. Тоа не е тајна. Истите тие го поддржуваа и финансираа Заев да го направи тоа сам. Дали тоа ќе се случи? Тешко, речиси сигурно е дека тој план нема да се оствари“, пишува Латас, со оценка дека „влада на сите албански партии плус проалбанскиот СДСМ е - албанска, а не македонска влада“.

Според него, таквата албанска власт ќе предизвика колапс за економијата.

„ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе дејствуваат од улица, но за разлика од двете студени ноќи пред ДИК, на улица со демонстрантите ќе бидат и Груевски и најблиските негови“, пишува Павловиќ.

На дипломатското премерување на опасноста од можни деструкции, се осврнува и аналитичарот Арсим Зеколи.

„Од постизборната пита половината и' припаѓа на ДПМНЕ. Другата е составена од четвртинки со месо, осминки со сирење и трошки со спанаќ - врзани со фластер од сомнителен квалитет. Во таквата дадена ситуација, секој асален дипломат својата одлука ја засновува врз суштинското реалполитичко прашање: дали ДПМНЕ е подеструктивна додека е во власта или пак додека е во опозиција? Но, истото прашање се поставува и пред Груевски - колкава е гаранцијата за долговечноста на неговата половина на питата, доколку другата страна се обедини во општествена сила и енергија?“, прашува Зеколи.

Според него, откога се ќе се сумира, исходот е јасен.

„Груевски доби колку за да владее со партијата, Заев колку да продолжи да се брани во партијата, а ДУИ да не ја загуби улогата на омилена албанска партија на етнички - македонскиот систем. Кога е веќе зборот кај ДУИ, честитките за нивната победа секако треба да се упатат директно на адресите на водствата на 'Беса' и реформската ДПА, кои со своите балави и мрсулави качки и закачки и одбивање на соработка се директните виновници за одржување во живот на Али, посредно и на Груевски“, оценува аналитичарот Арсим Зеколи.

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Груевски со квазидипломатски инсинуации 

И додека е јасно дека клучот за формирање нова влада повторно е во рацете на ДУИ, некои го отвораат прашањето дали Груевски може да го спроведе Прогласот во практика поради неговите лични слабости, но и поради сервилноста на неговиот партнер кон дипломатите. Во денешен „Дневник“ Мирка Велиновска го констатира задоволството на членството од заклучоците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и бара одговор на дилемата: колку Груевски може нив да ги преточи во практика, „откако е инсталиран пржинскиот антидржавен и антиуставен комплот преку серија закони и одлуки“.  

„Груевски очигледно се спрема да коалицира со ДУИ. Тоа значи дека извршната политика на земјава нема да се смени значително. Ние би биле наивни ако веруваме дека Груевски ќе може да ги отстрани евро-американските мешетарања преку амбасадорите кога за партнер го има Али Ахмети кој и на мочање оди со дозвола на амбасадорот на САД. Од друга страна, тој ја нема одважноста на чешкиот претседател Земан или Унгарецот Орбан да го именува 'амбасадорот' односно 'амбасадорите од некои земји' кои се мешале во македонските работи. Повеќе сака општи места, неодреденост, непознат сторител. Што се вика квазидипломатски инсинуации. Затоа и своите соработници ги избира според нивниот 'талент' за општост или инфинитивно дејствување. Што е 'одлично' оправдание за непрезамање конкретно дејство секогаш сврзано со ризик, но и покривање на сопствената нерешителност, односно неспособност“, пишува Велиновска.

Со став дека „очекувањата на Македонците за промени во државната политика се врзани со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп“, Велиновска прашува  - дали водството на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски или шефот на државата Иванов побарале телфонски контакт со Трамп и дали го известиле „за белите што ги правеше Џес Бејли во Македонија?“   

Според извори од ДУИ, токму Прогласот на ДПМНЕ може да стави крај на сите дилеми во партијата на Ахмети околу одлуката за (не)коалицирање.

„По заклучоците на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се изместија многу од 'коцките' за кои во ДУИ постоеше уверување дека повторно колку-толку, добро се наместиле, без оглед на слабите резултати. Така што, некои претходни разговори и начелни договори сега ќе мора да се 'преиспитаат'. ДУИ и да сака да коалицира со ДПМНЕ, сега тешко дека ќе може да ја поддржи и оправда антизападната реторика на Груевски, ако се има предвид дека интеграциите се клучен дел од платформата на ДУИ“, велат нашите соговорници.