Евровизија 2019: Поени за судбински приказни

Лични приказни, тага, депресија – тоа го сакаат гледачите на Евровизија. Исто така сакаа и големо шоу и шарен музички фестивал. Добија сѐ што сакаа – 12 бода одат за Израел, оценува Зилке Винш.

Многумина од 41 учесник на Евровизија точно размилувале и заклучиле дека се бараат големи емоции. Приказни кои погодуваат в срце. Се тематизира загуба, тага и невозвратена љубов. Италијанецот Махмуд во песната „Солди“ ја опева тешката релација со својот татко, французинот Билал пее за своето мароканско потекло и хомосексуалноста. Кејт Милер Хајдке пее за својата депресија, а Холанѓанецот Данкан Лоренс тагува за сакана личност која починала. И со таа нумера победи. Без помпа, сам на клавир, седи без големи гестови, со песна која доловува кршливост, но истовремено е и моќна. Тоа ни е веќе познато од минатата година - Германецот Михаел Шулте направи нешто слично и стигна до изненадувачко четврто место. Искрени чувства, тоа го сакаат фановите на Евровизија и ако изведувачот веродостојно ги пренесе, прво надоѓаат солзи, а потоа и бодови. Немаше никакви дилеми дека токму тоа мајсторски ќе му успее на Данкан Лоренс.

Повеќе: Евросонг: Три минути за голема гордост

Провокацијата не е вистинскиот начин

Исланд не сакаше да учествува, но сепак настапи во Тел Авив со провокативна садо-мазохистичка група која ја „нападна” публиката со песна насловена „Омразата мора да победи“. Хатари се дефинираат како антикапиталистички перформанс уметници кои критички пристапуваат кон нашето конзумеристичко општество. Па така, верни на својот стил, при бодувањето извадија банери за Палестина.

Дали тоа одговара на Евровизија? Дали фанот на Евровизија на вечер за големи емоции сака да се занимава со антикапиталистичка критика или политика? Да се падне в очи по секоја цена не е баш гаранција за прво место на Евровизија. Мене ми се допадна песната, од музички аспект, а и сценскиот настап. Без таквата програмирана провокација групата ќе ми беше уште посимпатична. Нивното шоу пак беше добредојден „испад“ меѓу инаку на општиот музички вкус скроени песни.

Тамара со „Proud“ го забележа најголемиот успех за својата земја досега

Каде исчезна фолклорот?

Евровизија е европски натпревар и во цела Европа има многу различен фолклор за инспирација. Порано повеќето земји пееја на својот мајчин јазик – и со право сѐ уште има критики зошто веќе не е така. Од друга страна уметниците се во право оти сметаат дека пеење на мајчин јазик може да одврати милиони гледачи. На крајот на краиштата никој не го разбира текстот и многу евровизиски фанови не се мачат претходно да го проучат значењето на песните на сите 40 учесници. Оттука пеењето на англиски јаизик е најмалиот заеднички именител, но некако овој јазик ја преобразува секоја песна во вообичаена поп-мелодија на која често никој и не ѝ го слуша текстот, туку е повеќе фокусиран на мелодијата и ритамот. Но, токму во песната на Данкан Лоренс вреди внимателно да се слушне текстот.

Нему му беше важно да ни ги пренесе чувствата. Неговата порака не познава граници. Секој може да се идентификува со неа без разлика каква политика поддржува или во што верува. Оттукав младиот Холанѓанец заслужено си замина дома со награда. Амстердам веќе може да почне да се подготвува.

Следете нѐ