1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврозоната во рецесија - германското стопанство го губи полетот

АТ/ дпа/ ртр15 ноември 2012

Германското стопанство и натаму бележи пораст, но со послаба динамика: Брутодомашниот производ во третиот квартал е во благ плус. Севкупно еврозната се наоѓа во рецесија.

https://p.dw.com/p/16k2u
Фотографија: Christian Spahrbier

Германското стопанство полека го губи полетот: експортот и конзумот во периодот јули до септември придонесоа за покачување на БДП за 0,2 проценти во споредба со претходниот квартал, соопшти денеска Заводот за статистика.

Европската служба за статистика пак денеска ги објави бројките за целата еврозона. Во еврозоната имено се бележи минус од 0,1 процент во споредба со претходните три месеци. Причина за моменталната рецесија е лошата економска состојба во јужноевропските кризни држави. Во Шпанија минусот во третиот квартал од годинава изнесува 0,3 проценти, во Португалија 0,8 проценти. Исто така пад бележи и италијанското стопанство и тоа за 0,2 насто.

За првпат по три години еврозоната повторно западна во рецесија. Веќе во вториот квартал од годинава беше забележан минус од 0,2 проценти. Според економистите рецесијата настапува кога економскиот пораст во најмалку два последователни квартали е негативен. Последен пат еврозоната се најде во рецесија по почетокот на светската банкарска криза во 2008 година. Тогаш економскиот учинок беше негативен пет квартали по ред, се’ до летото 2009 година.

Споредбено слабиот пораст во Германија исто како и во вториот квартал меѓу другото се должи и на еден календарски ефект. Во кварталниот извештај има еден работен ден помалку во споредба со претходната година, ова се одрази негативнно врз порастот на БДП. Доколку се анулира оваа календарска разлика порастот на БДП е 0,9 проценти.

Оптимисти и песимисти

Во последно време зачестија индикаторите дека должничката криза ќе го повлече и германското стопанство. Во септември индустриските нарачки забележаа пад од 3,3 проценти, пред се’ поради тоа што е намалена побарувачката во земјите погодени од кризата. Конјунктурниот индекс на Центарот за европски економски истражувања (ЦЕВ интексот) се намали за 4,2 проценти. Овој индекс е бароментар за расположението кое Центарот за европски економски истражувања во Манхајм го утврдува кај околку 400 берзански професионалци и инвеститори врз основа на нивните среднорочни очекувања за конјунктурниот развој. „Германија се движи кон стагнација. Причина за тоа е падот во јужна Европа. Иако тоа уште ниту непосредно не не’ погаѓа“, вели Густав Хорн, директор на Институтот за макроекономија и конјунктурни истражувања. Најголемата грижа е дека претпријатијата помалку ќе инвестираат. Тоа вообичаено е предвесник за рецесија.  

Euroscheine Seriennummern
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај хиобсовите пораки германските извозници не се премногу загрижени: „Покрај слабата фаза на крајот на годината нашата надворешна трговија во тековнава година  бележи нов рекорд. Нашиот трговски волумен ќе ја надмине границата од два билиони евра. Исто така и за наредната година очекуваме рекордни вредности во извозот и увозот“, изјави Антон Бернер, претседател на Сојузот на трговци на големо, надворешна трговија и услужни дејности (БГА) во Берлин.