1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврообврзниците како нужно зло

24 ноември 2011

Дискусијата за еврообврзниците во еврозоната трае долго. И покрај нивното отфрлање во Берлин и Париз, за нив и натаму се разговара. И поддржувачите и критичарите се едногласни: тие ќе бидат воведени.

https://p.dw.com/p/13GSl
Фотографија: picture-alliance/dpa/DW

Земјите како Грција, Португалија, Шпанија и Италија бараат воведување на европските обврзници. Земјите како Германија, Австрија, Франција и Финска тоа категорично го одбиваат. Од заедничките обврзници, за кои би гарантирале сите земји-членки на еврозоната, би профитирале посиромашните држави. Нивните долгови би ги помогнале индустриски силните држави, што би довело до намалување на каматите.

Германија во таков случај, како најразвиена земја во еврозоната би ја вложила својата ликвидност како некој вид кауција и би морала да се соочи со повисоки камати.

Минхенскиот Институт ИФО проценува дека со воведувањето на еврообврзниците трошоците на Германија би се зголемиле од 33 на 47 милијарди евра годишно.

Претседавачот на клубот на социјалдемократите во Европскиот парламент, Мартин Шулц вели дека Германија на долг рок би можела и да профитира од новите обврзници.

„Тие за Германија би биле далеку поефтини отколку постојаното зголемување на финансискиот пакет за спасување на еврото или во краен случај, при пропаст на еврото“.

Symbolbild Eurobonds Merkel Sarkozy
Ангела Меркел и Никола Саркози се против еврообврзницитеФотографија: Anja Kaiser - Fotolia.com/DW/AP

„И психолошки погледнато еврообврзниците се корисно средство“, вели Шулц, и додава дека високите камати се резултат на недовербата на финансиските пазари.

„Тие не веруваат дека задолжените земји ќе бидат во можност да ги отплатат кредитите, а дека богатите сложно ќе застанат зад заедничката валута. Од тој аспект, еврообврзниците можат да станат еден вид симбол, кои би покажале дека земјите од еврозоната веруваат во заедничката иднина“, вели Шулц.

„Слатка дрога“ за сиромашните

И според економскиот експерт Петер Бофингер, еврообврзниците би имале големо симболично значење, а би отпаднал ризикот од банкрот на одредени земји.

Ханс-Вернер Зин од Институтот ИФО предупредува дека еврообврзниците можат да се толкуваат и како „слатка дрога“, која на должниците ќе им го одземе стимулот за штедење.

„Доколку тие своите долгови ги враќаат со иста камата како Германија, тогаш зошто да се обременуваат со големи заштеди, кои им ги намалуваат шансите на политичарите повторно да бидат избрани на функциите“, вели Зин.

Jose Manuel Barroso Brüssel
Претседателот на ЕК, Жозе Мануел БарозоФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com

Критичарите на проектот, како Хериберт Дитер од Фондацијата за наука и политика од Берлин, велат дека зад идејата на еврообврзниците се крие „идејата со политички механизми да се заменат дисциплината и динамиката кои владеат на финансиските пазари“.

„Дека таа идеја претходно не функционираше се знаеше уште од моментот кога беше ослабен Пактот за стабилност на заедничката валута“, вели Каи Карстенсен од Институтот ИФО.

„И тогаш имаше добри идеи и механизми. Неколку години се’ беше во ред, а кога работите тргнаа во погрешна насока, Германија и Франција побараа полежерен став. Како последица на тоа беа зголемени долговите во буџетот и вкупното задолжување, а со финансиската криза се’ тргна наопаку. Единствено Финска и новата членка на еврозоната Естонија, се придржуваат до критериумите“, вели Карстенсен.

Автор: Жанг Данхонг/ Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски