1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европарламентарците стравуваат од назадување во интеграцијата на ЕУ

7 септември 2011

Грчката трагедија со долгот, еврото и спасувањето од финансиската криза оди во следен чин. Сега се чини како Грција да не е во можност да ги исполни условите за понатамошни заеми од Европа.

https://p.dw.com/p/12UQv
Германските европратеници се скептични за конфликтот меѓу донаторите и примателите на помоштаФотографија: picture alliance/dpa

Тоа донесе голема возбуда во германската владина коалиција. Се слушаат дури и закани со исклучување на Грција од евро-зоната, кои за сега доаѓаат само од неколкумина парламентарци. Германските европратеници гледаат со скепса на конфликтот во Брисел меѓу донаторите и примателите на финасиската помош.

Во моментов канцеларката Ангела Меркел нема мнозинство во Бундестагот за дополнителни кредити за Грција и останатите земји заглавени во долгови. На крајот од септември во германскиот парламент ќе има гласање за вториот пакет. До тогаш Грција ќе мора да објасни како мисли да го санира буџетот. Бројките очигледно се полоши од што претходно се мислеше. Канцеларката Ангела Меркел упати предупредување овој викенд.

„Не можеме во никој случај туку така да помагаме, туку мораме да поставиме услови за земјите, што се толку длабоко во должничка криза, да ја завршат домашната задача и да го намалат долгот“, изјави Меркел.

Банкротот на Грција ќе донесе ризик за целата ЕУ

EU Europäisches Parlament Udo Bullmann Hessen
Европратеникот Удо Булман бара заеднички државни обврзници, заеднички европски министер за финансии, и поголеми ингеренции на Европскиот и националните парламентиФотографија: Foto: Europäisches Parlament

Ако Грција не ја заврши домашната задача, тогаш не мора да се исфли од евро-зоната, рече Меркел на разговорите за кризата со претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј. Грчкиот банкрот би содржел непроценливи ризици за заедничката валута, смета Удо Булман, пратеник во Европскиот парламент од редовите на социјалдемократите. Тој повикува на „повеќе Европа“ како одговор на должничката и финансиската криза.

„Не смее да има чекор назад. Секој пат во национална тесноградост е погрешен. Може да има европска иднина, па и за Германија, само ако сега земјите членки му дадат повеќе овластувања на Брисел“, вели Булман.

Во таа насока, според Удо Булман, одат и воведувањето заеднички државни обврзници, како и заеднички европски министер за финансии. Исто така, треба да се засилат ингеренциите на Европскиот парламент и националните парламенти во контролата на земјите-должнички.

„Сметам дека треба уште повеќе да се заангажираме и да работиме со заеднички сили. Каде е на пример Маршаловиот план за економска обнова на Грција“, прашува Булман.

Грција да се придржува до обврските

Europaparlament Abgeordneter Markus Ferber
Со кризниот фонд само се купува време, смета европратеникот Маркус ФерберФотографија: Europäisches Parlament

На Грција и’ требаат инвестиции во реалната економија за да се создаде пораст. Со кризниот фонд само се купува време, а доверителите и банките ќе бидат под седативи, смета овој европратеник. За поголемата европска солидарност се залага и Маркус Фербер, европратеник од конзервативната ЦДУ, но затоа и’ се спротиставува на идејата за заеднички обврзници. Солидарноста не е еднонасочна улица, смета тој и додава дека Грција мора да ги исполни обврските.

„Тоа мора да подразбира Европејците од југот да мораат да го прифатат притисокот на меѓународната конкуренција, да се прилагодат и да се реформираат. Само во оваа комбинација може да има солидарност. Инаку го добиваме ужасот што никој не сака јавно да го спомне, имено трајна унија на трансфер, каде парите од северот на долг рок ќе се прелеваат кон југот. Тоа е лоша перспектива за германските даночни обврзници“, вели Фербер.

За Маркус Фербер од ЦДУ од клучно значење е да не се злоупотребува високата продуктивност на Германија и другите земји од северниот дел на евро-зоната. Во многу земји веќе постојат евроскептични и популистички партии, кои се противат на помошта за задолжените европски земји. Таквиот отпор според Фербер не смее да се создаде сега и во Германија.

„Треба да им објасниме на луѓето зошто преземаме обврски како Сојузна Република Германија? Ако на тоа не внимаваме, тогаш нема да станува збор само за тоа дали можеме да го стабилизираме еврото. Тогаш ќе се изгуби многу од интеграцијата, од она што го постигнавме во минатото“, вели Фербер.

Flash-Galerie EU-Schirm vor Europaparlament in Brüssel
Европските лидери не преземаат ризични чекори пред своите гласачи и затоа се лоши менаџери, сметаат дел од европратеницитеФотографија: picture-alliance/dpa

Лидерите во Европа се лоши менаџери

Евентуалниот крај на заедничката валута ќе и’ нанесе голема штета на Унијата, а може дури да го стави под знак прашање нејзиниот опстанок. Затоа најголем дел од европратениците воопшто не ја разгледуваат опцијата за повлекување од заедничката валута. Според Удо Булман од СПД, меѓу европските шефови на држави и влади моментално нема такви, кои храбро ќе се залагаат за европски решенија.

„Има толку малку политичари во Европа, кои имаат храброст да застанат пред својот народ и да кажат: сега ќе направам нешто непопуларно, ќе ги пречекорам границите, за на тој начин да им обезбедам подобра иднина на сите. Очигледно е дека нема многумина, кои имаат толку голема храброст. Затоа од надвор изгледа како Европа во моментов ја промашува својата историска мисија“, оценува Булман.

Идната недела, со состанокот на министрите за финансии од ЕУ, почнува повторно серијата кризни самити и разговори по летната пауза, а ќе се преговара и за кредитните услови за Грција. Како ќе заврши целата трагедија не е јасно, посебно затоа што европските банки имаат премалку сопствен капитал за да го преживеат евентуалниот банкрот на Грција, Португалија, Ирска, Шпанија или Италија. Тоа јасно го стави на знаење и шефот на Дојче банк, Јозеф Акерман.

Автор: Бернд Ригерт / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски