1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Европа е култура

3 јуни 2019

Загрозеноста на белегот на Охрид како светско културно наследство е само првиот, видливиот симптом за лошата „состојба на духот” во Македонија. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3Je94
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Да можев одново да започнам, јас би започнал со културата”. Оваа мисла постојано му се припишува на  визионерот на европското обединување, Жан Моне. Иако познавачите на неговото дело упорно тврдат дека таа не е негова мисла, туку на францускиот министер за култура, Жак Ланг. Тој 1981-та сметаше дека ние би требало да си замислиме дека Жан Моне имал кажано „да имав уште еднаш можност да започнам со обединувањето на Европа, тогаш не би започнал со стопанството, туку со културата”. Сите што до ден-денес  го цитираат Моне со оваа мисла, очигледно со тоа сакаат да ја истакнат сериозноста на јадрото вистина во него. Имено, можеби големиот визионер подоцна бил поучен дека ќе било подобро по Втората светска војна  прво да се започнеше токму со културата. Можеби таа ќе можела да понуди постабилен темел за европското обединување.

Тогаш, во урнатината Европа, архитектите на новото време како Моне, се одлучија иднината да ја градат најнапред врз темелите на развиената економија и стопанство. Тоа, впрочем, е најчестиот модел на обнова по разорните војни. Истото се случи и со обновата на Балканот по постјугословенските војни. Тоа што подоцна стана јасно, и во Западна Европа и на Балканот, е следното: стопанската обнова не може да го понуди „лепилото” со кое ќе се надмине расцепот што го оставаат зад себе војните и катастрофите. Такво „лепило” може да понуди само сферата на уметноста  и културата. Само образованието и воспитанието ги преобразуваат луѓето. Но, културата може да го стори тоа само во комбинација со развиеното стопанство, во едно демократско, слободно општество. Стопанскиот прогрес не може сам по себе да понуди и нов  социјален, политички и културен идентитет. Демократијата, воспитувањето на граѓанска одговорност, на критичност и совесност најдобро се остваруваат преку културата како воспитание, како образование. Затоа оваа мисла се повторува секогаш одново кога идејата на обединета Европа е во криза. Не е важно што не ја кажал Моне. Важно е што во неа има вистина.

Културата - темел на „европскиот идентитет“

Важноста на културата во обликувањето нова свест на една заедница или на цел континент е темелот на  европската традиција. Културата е темелот на „европскиот идентитет”. Западна Европа по Втората светска војна, всушност, е културен проект на мирот и демократијата. Неговиот филозофски темел е поставен уште во европското Просветителство. Уште Имануел Кант пишуваше за идејата на „вечниот мир” меѓу народите.  Тој говореше за автономна етика и за автономијата на субјектот. Тој говореше за „понолетни” личности кои се раководат според разумот. Европското обедувување е просветителски, западноевропски проект. Неговиот темел се вредностите на западноевропската политичка и хуманистичка  култура. Токму затоа, со оглед на однесувањето на некои источноевропски членки во ЕУ, денес се чини логично Жан Моне да рекол дека Европа требала да се обедини најнапред со помош на културата. Источноевропските земји, како Орбанова Унгарија, очигледно, немаат „европски идентитет”. Тие уште го бараат својот идентитет помеѓу Западот и Истокот. Или уште не се ослободени од „темната сенка” на Варшавскиот пакт. Тоа, пак, значи дека, можеби,   за успешното обединување навистина најнапред е потребен културен проект. Во него народите со помош на културата би биле воспитани да бидат „Европејци” – за да можат потоа да се обединат околу заедничката идеја на Европа.  

Други колумни од авторката:

Празна земја

Припадност и „дома“ - за мајка ми

Надежта содржана во мислата која му се припишува на Моне е дека само заедно со развиената култура стопанството може да обликува нова свест. Културата е начин на однесување според систем од вредности. Тие не се само уметност и образование во тесна смисла. Тие се и стандарди на живеење. Како и модерниот, квалитетен и за секого пристапен образовен систем, од градинките до универзитетите. Европски стандард е добриот здравствен систем, но и социјалната грижа за сиромашните, за болните и за старите. Тоа е и почитувањето на правото и законите, на прописите и наредбите. Европа е култура на образование и животна култура. Европа значи одговорност и морален кодекс, особено  во политиката, администрацијата, правосудството. Таа не е само симбол за субвенции и кредити кои се добиваат со малку труд и многу итроштина, како што, најчесто, членството во ЕУ го замислуваат земјите од Западен Балкан – тие внатре и тие што се уште надвор.

Промени и преобразба

Дали Македонија се препознава себеси како европски културен проект на мирот и демократијата? Тогаш што ја спречува македонската политика да започне со „европеизација” на Македонија, независно од датумот за преговорите со ЕУ? Зошто македонските политичари не се кадарни да понудат сопствен модел, визија за Европа во Македонија, за да ја врзат и насочат творечката енергија во општеството додека се чека на членството во ЕУ? Тоа членство не е волшебна формула со која Македонија во миг ќе стане вистинска европска култура. Културата секогаш претпоставува промена на свеста. А таа се случува со воспитување и образование, кое значи долготраен процес на преобразба на општеството. За да започне тој процес не мора да се чека на датум за пристапните преговори. Тој може да започне веднаш. Доколку македонската политичка структура – и позицијата и опозицијата – сфатат дека со своето однесување, и тие самите и сето македонско општество, докажуваат дека се уште далеку од европската култура на мислење, работа и  однесување. И да почнат да се менуваат! Почетокот би бил направен кога македонската влада би дошла до сознанието за важноста на културата. Македонското општество не може да се промени само со нови тендери и инвестиции, кои секако се еден од темелите на напредокот. Но, другиот важен темел на преобразбата на сето општество е токму културата и образованието. Тој процес нема да започне доколку политиката  и понатаму ја смета културата за безначаен сектор. Со тоа македонската влада само покажува дека таа, всушност, не знае што е вистинскиот европски идентитет. Тој е незамислив без културата. Загрозеноста на белегот на Охрид како светско културно наследство е само првиот, видливиот симптом за лошата „состојба на духот” во Македонија. Всушност, веќе одамна е загрозен автентичниот карактер на културата во Македонија, како наследство и како актуелно творештво и образование.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.