1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа мора да се модернизира и не треба да се плаши од идните проширувања

23 јуни 2005

Британскиот премиер и нареден претседавач со Советот на ЕУ Тони Блер денеска пред Европскиот парламент во Брисел ја претстави програмата на британското претседателствување.

https://p.dw.com/p/AcEU
Тони Блер денеска во Европскиот парламент
Тони Блер денеска во Европскиот парламентФотографија: AP

„Ако го запреме проширувањето, тоа, на крајот на краиштата, не би создало ниедно работно место, не би спасило ниедно претпријатие и не би спречило ниедно преместување на фирмите“ – со вакви аргументи Блер и’ се спротивстави на спкепсата кај многу граѓани на Европа во однос на проширувањето и последиците од него. Тој навести дека ќе бидат исполнети ветувањата дадени на Турција и на Хрватска: преговорите за пристап кон Унијата ќе започнат, доколку бидат исполнети одредени предуслови.

Во 30-минутниот говор, кој беше прекинуван со се’ посилен аплауз, британскиот премиер се презентира како категоричен бранител на европските идеали. Но...„идеалите опстануваат низ промени, тие изумираат поради пасивност во времињата на докажување“ – рече Блер.

Тој жестоко се бранеше од подметнувањата дека сака само Европа како пазар, една голема зона на слободна трговија, велејќи дека отсекогаш се залагал за политичка Европа, за Европа на заеднички вредности и солидарност. Таква Европа може да успее само со промени што ќе и’ дадат нова сила, со модернизација – за што пак се бара политичко водство. „Време е ние да се мериме според реалноста. Мораме да го слушнеме повикот на луѓето за будење. Имаме ли политичка волја да им пријдеме, така што тие на нашето водство ќе гледаат како на дел од решението, а не како дел на проблемот“, рече британскиот премиер. Буџет на ЕУ, од кој и по 10 години 40 проценти ќе се трошат за земјоделството, не е поим за неопходната модернизација. Кој тврди дека овде станува збор за алтернатива меѓу социјална Европа и обична зона на слободна трговија, тој само сака да ги заплаши оние, кои сакаат да ја променат Европа. Само преку промени, преку модернизација, Европа може да добие сила и значење, како и да ја си поврати согласноста на луѓето.

Наредниот претседавач со Советот на Европа им се спротивстави на оние, кои стравуваат за иднината на европскиот социјален модел: „Каков е тој социјален модел со 20 милиони невработени во Европа? Цел на нашиот социјален модел треба да биде да ја јакнеме нашата конкурентност, да им помогнеме на луѓето да излезат на крај со глобализацијата, да ги приграбат шансите од неа. Ни треба социјална Европа, но таква, што функционира“ – рече Блер во говорот во Европскиот парлемент. Како конкретни намери на британското претседателство тој ги наведе финансискиот план на ЕУ и насоките за услужните дејности.

Претседателите на големите фракции ја поздравија определбата на Блер за политичка Европа, но навестија и сомневање во веродостојноста на тие зборови. „Ако на Вашите зборови уследат дела, ако во Вашата практична работа стане јасно дека сакате заденичка Европа, тогаш ние сме на ваша страна. Вие сте поверодостоен со реформата на европската политика, доколку не оставите никакво сомнение во вашето повикување на Европа. Ве молам тоа јасно да го покажете во вашето претседателствување“ – му се обрати на Блер претставникот на фракцијата на конзервативните и демохристијаните Ханс-Герт Петеринг. Претседателот на социјалистичката фракција Мартин Шулц го предупреди британскиот премиер на фер-аргументирање: „Точно слушнав кога рековте дека не е време да им се припише предавство на оние, кои сакаат да ја променат Европа. Точно. Но, не е ни времеда се стават во музеј оние, кои сакаат да го бранат нашиот европски социјален модел. И тоа е точно, господине премиер“.