1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европа потфрли во Сребреница“

Томас Бреј
11 јули 2020

Пред 25 години се случи најтешкото злосторство во Европа по Втората светска војна - во Сребреница, Бoсна и Херцеговина, српските сили убија над 8000 муслимански мажи и момчиња.

https://p.dw.com/p/3f5ui
Völkermord in Srebrenica
Гробиштата во Поточари, СребреницаФотографија: picture-alliance/dpa

Четврт век по масакрот во Сребреница младите луѓе на Балканот апелираат до светот: „Не треба да заборавите што се случило. Зашто ако ги заборавиме тие работи, тие може повторно да се случат, а една Сребреница не смее веќе никому да му се случи“, вели Ламија Браво од Босна и Херцеговина.

Младите треба да разговараат за Сребреница

На истокот на земјата, во малото место Сребреница, во јули 1995 година се случи најтешкото злосторство во Европа по Втората светска војна. Српските сили таму убија над 8000 муслимански мажи и момчиња. Меѓународните судови овој масакр врз цивили го означија како геноцид.

„Европа потфрли во Сребреница“, велу Гудрун Штајнакер во разговор за ДВ. Поранешната дипломатка, последно амбасадорка во Северна Македонија и Црна Гора, која во германската дипломатија важи за една од најдобрите познавачи на Балканот, е сигурна: „По четири години војна и етничко чистење и концентрациони логори, масовни прогони и масовни силувања, требаше да се знае што е можно да се случи.“

Деталите од оваа невидена драма се педантно обработени од страна на Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија во Ден Хаг. Според тие сознанија, Србите во последната фаза од граѓанската војна во Босна и Херцеговина почнале со стратешко планирање на масакрот уште во март 1995 година.

25.000 луѓе побегнаа во базата на ОН

Целта била заземање на Сребреница, која две години претходно од страна на Советот за безбедност на ОН беше прогласена за сигурна зона на ОН, една од вкупно шесте такви зони. Околу 400 недоволно вооружени холандски војници, дел од Сините шлемови на ОН, требаше да ја претворат Сребреница во прибежиште за многу бегалци.

Кога трупите на босанската „Република Српска“ го прегазија градот на 11 јули и земаа војници на ОН како заложници, 25.000 луѓе на пеколна горештина и во ужасни хигиенски услови побараа заштита во базата на ОН во Поточари, пред портите на Сребреница. Еден ден подоцна дојде до првите злоставувања, силувања и убиства на муслимански бегалци. На 12 и 13 јули жените, девојчињата и старците беа натоварени во автобуси и однесени на подрачја под контрола на муслиманските босански единици.

Bosnienkrieg
14.07.1995: Бегалци од Сребреница во база на ОН во близина на ТузлаФотографија: picture alliance/dpa/AP/D. Bandic

Од 13 до 17 јули српските сили убија над 8000 мажи и момчиња и ги фрлија во масовни гробници. Речиси 7000 од нив во меѓувреме се идентификувани поименично и закопани на меморијалните гробишта во Поточари. Притоа форензичарите, кои делумно се од странство, беа доведени до границите на своите психички сили. Зашто, српските извршители подоцна повторно со багери ги отвориле масовните гробници и ги распределиле деловите од телата во т.н. секундарни или терцијарни нови гробови. На тој начин требало да се прикрие злосторството. Затоа патолозите мораа да ги собираат посмртните останки од различни гробови и повторно да ги составуваат.

Повеќе:

БиХ: Негирање геноцид и величање воени злосторници

Нулти час на српската историја

Трагачот по коски на жртвите на Ратко Младиќ

Најголемиот дел извршители се се’ уште на слобода

Командантите на геноцидот, политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ и воениот шеф Ратко Младиќ, беа уапсени по долгогодишно бегство и дури пред неколку години од страна на трибуналот во Ден Хаг беа осудени на доживотен затвор, исто како и други извршители. Но, најголемиот дел од злосторниците се се’ уште слободни. Многумина се избегани во Србија и таму живеат без пречки.

Bosnienkrieg
Ратко Младиќ и Радован Караџиќ беа осудени на доживотен затвор од страна на судот во Хаг (фото: 5 август 1993 година, Пале, Босна и Херцеговина)Фотографија: picture alliance/dpa/Stringer

„На одговорност не се повикани особено оние кои биле во средина на командната структура“, вели Мурат Тахировиќ за ДВ. Тој е претседател на „Здружението на жртви и сведоци на геноцидот“ и објаснува: „Иако нашата организација поднесе опсежна документација за 24 штабови со 227 членови кои учествувале, досега од истражните власти нема реакција.“

Зошто регуларните и паравоените единици на Србите го извршиле масакрот, кој воено немал никакво значење? Шефот на војската Младиќ со години во своите сили поттикнувал омраза против муслиманите кои биле нарекувани „Турци“. Требало да им се одмаздат за загубената битка на Косово Поле пред цели 600 години. Последица од тој пораз на српскиот кнез Лазар од Османлиите е што речиси пет века со Србија се владеело од Истанбул.

Моќната Српска православна црква официјално го претвори Младиќ во наследник на Лазар. Дури и озлогласените орди на Жељко Ражњатовиќ „Аркан“ беа стилизирани во „косовски јунаци“ меѓу српското население. Една година по Сребреница, Караџиќ напиша: „Српските воини се борат против Турците од Косово до денес. Тоа е истата епска борба за опстанок, за живот, кој е загрозен од истиот непријател - Турчинот, кој од 1389 година на Србите не им дозволува да живеат мирно во своите села.“

25 години по лудилото од Сребреница, официјална Србија и голем дел од српското население се’ уште не го признава масакрот како геноцид. Се’ уште има улици, училишта и студентски домови кои ги носат имињата на воените злосторници Младиќ и Караџиќ. Голем број директни или индиректни учесници во масакрот денес се и натаму на сцена - како политичари и претприемачи.

„Многумина на Сребреница се потсетуваат само на годишнините“, критикува сараевскиот професор по историја Хуснија Камберовиќ. „Можеби и светот би сакал да ја заборави Сребреница, затоа што одиграл срамна улога“, вели тој за ДВ и додава: „Само изградба на не-националистичко општество може да помогне.“