1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа сака водечка улога во борбата против сидата

14 март 2007

Европа ќе ја преземе водечката улога во светот во борбата против сидата. Ова го решија министрите за здравство на земјите членки на ЕУ на дводневната конференција во Бремен.

https://p.dw.com/p/AbyZ
Канцеларката Ангела Меркел со предводничката на кампањата против сидата Бегум Ага Кан на конференцијата во Бремен
Канцеларката Ангела Меркел со предводничката на кампањата против сидата Бегум Ага Кан на конференцијата во БременФотографија: AP

Покрај превенцијата и сеопфатната кампања за информирање на населението, министрите се договорија и за обединување на истражувачките дејности во потрагата по лек за чумата на 21-от век. Дороте Крумпипе испрати извештај за заклучоците.

Ова е трет пат министрите за здравство на ЕУ да се занимаваат со мерките за борба против сидата. Во најновата декларација се истакнува дека е време стратешките определби од минатите години ефикасно да се применат во практиката.

“Мноштвото идеи и заедничкиот пристап во планирањето ме уверуваат дека Бремен, по Даблин и Вилнус ќе биде важна делница на патот и сигнал за политичка одговорност, за сеопфатни напори на целото општество на полето на превенцијата“ - порача домаќинката на средбата, германската министерка за здравство Ула Шмит.

На Конференцијата што се одржа во Бремен допатуваа експерти од преку 40 европски земји, што не треба да чуди бидејќи сидата е потполно во подем ширум Европа. Најтешка е ситуацијата во Источна Европа, каде има стапки на пораст на бројот заболени од дури 70%.

Покрај декларативните заложби, на маргините на конференцијата имаше и конкретни преговори со претставници на фармаколошката индустрија. За прв пат и од таа страна дојде готовност за еден вид партнерство во борбата против смртоносната болест.

“Сите луѓе во ЕУ да добијат пристап до третман против сида, а тоа значи и лекови по цени што луѓето можат да си ги приуштат. Ова е само прв чекор, а не конечно решение“ - предупреди министерката Шмит.

Во наредните месеци политичарите и претставниците на индустријата треба да ги договорат цените на лековите против сида за секоја земја одделно. Причина повеќе министерката за здравство на Германија да биде оптимист дека од конференцијата во Бремен ќе произлезат и реални импулси во борбата против сидата, а не само убави декларации. Германското претседателство со ЕУ вети дека сидата ќе биде важна тема и на претстојниот самит на групата Г-8 што летоска ќе се одржи исто под германско претедателство.