1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се подготвува за бегалски бран од Сирија

ЖА/дв/ртре24 јули 2012

Под притисокот на постојаните тешки борби во Сирија, Европа се подготвува за бегалски бран од оваа земја. Битките за престолнината Дамаск и за Алепо продолжуваат со несмалена жестина.

https://p.dw.com/p/15dnN
Фотографија: picture-alliance/dpa

За околу 200 илјади Европејци и Американци кои работат во кризните региони во Сирија веќе постои план за спасување, соопшти дипломат на средбата на министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ на Кипар. Владата на Кипар, кој од Сирија е оддалечен само 150 километри, соопшти дека бегалците би можеле да бидат згрижени на островот најмалку два дена.

Европскиот комесар за внатрешни работи Сесилија Малмстром сутуацијата во Сирија ја оцени како драматична, изјавувајќи дека фактите се менуваат секој час и дека ЕУ се обидува да управува со процесите на што е можно подобар начин, во соработка со други европски и меѓународни организации.

Малмстром подвлече дека главниот проблем е да се укаже помош на соседните земји, кои ги прифаќаат повеќето бегалци, како Турција, Јордан и Ирак. Таа се задржа и на прашањето за доделување хуманитарна помош за бегалците и на прифатилиштата.

Во текот на првиот ден од средбата во Никозија министрите за внатрешни работи и за правда на ЕУ ја разгледаа и неопходноста од активирање на регионалните програми за помош и заштита на земјите, кои ги прифаќаат најголемите бранови бегалци заради експлозивната ситуација во Сирија.

Во Сирија инаку со несмалена жестина се води борба за контрола врз главниот град Дамаск и Алепо. Сириската армија во меѓувреме повторно контролира големи делови од Дамаск, потврди и претставник на бунтовниците. Се стравува дека режимот ќе употреби хемиско оружје против своите противници.