1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа треба повеќе да се ангажира во меѓународни конфликти

Бен Кнајт / Александар Методијев10 февруари 2014

Нова студија за одбранбените капацитети на Европа појаснува една дилема - доколку САД се повлечат, на Европа ѝ останува посилно да се ангажира ширум светот. Но, политичката воздржаност е голема.

https://p.dw.com/p/1B3GZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кризите во Либија и Сирија покажаа дека се намалува апетитот, како од јавноста, така и од политиката, за интервенција од страна на западниот свет. Минатата недела, на Минхенската безбедносна конференција американскиот државен секретар Џон Кери зборуваше за „трансатлантска ренесанса“. Експертите сметаат дека таа е учтив начин да се каже: „Време е Европејците да пораснат и да се грижат за работите во нивното опкружување“. Вака размислува поранешниот британски дипломат Ник Витни во разговорот за Дојче веле.

Трошоците за одбраната се намалуваат

Но, таквите очекувања доаѓаат во време кога Европа се справува со сопствените економски проблеми. „Воен баланс“ - истражување на британскиот Меѓународен институт за стратегиски студии (ИИСС), објавено вчера (05.02.2014), а кое претставува годишна оценка за воените способности и одбранбената економија, покажува дека поради речиси тешката состојба во Европа, „расходите во одбраната во европските земји се намалуваат во време во кое, поради пренасочувањето на американската одбранбена политика во Азија и Пацифик, голем дел од товарот за меѓународната безбедност останува на неа (Европа, н.з.)“.

„Како може сето ова да одговара едно со друго? Никако“, смета Хенрик Хајденкамп, поранешен советник за стратегии во германското Министерство за одбрана. Во разговорот за Дојче веле укажува дека „мора да се поработи на соработка меѓу европските нации“. Во исто време има „многу мерки, многу прерогативи, кои сето ова го прават да биде тешко“.

Bundeswehr Ausbildung mit Waffe
Експертите сметаат дека политичарите треба да го убедат народот во Европа да поддржи меѓународни интервенцииФотографија: picture-alliance/dpa

2014 - одлучувачка година

Хајденкамп смета дека треба да се донесат „тешки одлуки“, меѓу кои и за тоа „во кој дел сме подготвени да се откажеме од суверенитетот и него да го пренесеме на европско ниво“. „Патем, тоа се однесува и на воено-индустриските способности“, забележува Хајденкамп.

Има многу сигнали за тоа дека 2014-та година ќе биде одлучувачка година за воената соработка. Мисијата на НАТО во Авганистан е при крај, па состанокот на организацијата во септември во Велика Британија ќе биде добра можност да се преиспита иднината на таквите мисии.

Поранешниот британски дипломат Ник Витни смета дека мисијата во Авганистан беше повеќе за дипломатија, отколку за создавање на нација.

„Ангажманот во Авганистан беше погрешен пат во однос на Европејците. Се отиде без ентузијазам да се направи нешто добро за Авганистанците и без верба дека со ова ќе се направи нешто за европската безбедност. Јавноста не беше убедена во тоа. Движечка сила за интервенцијата во Авганистан беа односите со Вашингтон“, смета Витни. Тој смета дека сето ова мора да се промени.

Дури и кога поактивниот ангажман е во интерес на сите, останува проблемот да се убедат Европејците во тоа. Тие со скепса гледаат на секаков вид странска интервенција.

„Елитните политичари мораат безбедносната и одбранбената политика да ја стават на дневен ред. Темите мора повеќе да се објаснуваат, отколку што се правеше порано“, смета Хајденкамп.