1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратеник во нишанот на мафијата

13 октомври 2009

Италијанскиот европратеник од Сицилија, Розарио Крочета се наоѓа на црната листа на мафијата. Тој се’ уште не може да дојде во Брисел, зашто белгиската полиција не сака да му ја пружи неопходната заштита.

https://p.dw.com/p/K4fo
СицилијаФотографија: picture-alliance/dpa

Оние што во моментов сакат лично да разговараат со Розарио Крочета, мора да отпатуваат на Сицилија, иако овој политичар неодамна стана пратеник во Европскиот парламент. Тој не сака да оди во Брисел каде што како секој европратеник треба да мине поголем дел од времето.

Како да се преживее во Европскиот парламент?

Крочета се плаши од мафијата, стравува за својот живот. Мафијата имено сака да го убие зашто тој како градоначалник на југот на Италија успешно се бореше против организираниот криминал. Во Италија Крочета деноноќно го чуваа четворица полицајци. Белгија одбива да му даде таква полициска заштита:

Deutschland Duisburg Mord Italiener erschossen
Убиството на шест Италијанци во Дуизбург пред неколку години говори за должината на пипците на мафијатаФотографија: AP

„По мафијашките убиства во германскиот град Дуизбург, наивно е да се верува дека мафијата не дејствува надвор од Италија. Таа изврши убиства и во земја во која полицијата добро работи. Како тогаш јас да преживеам пет години таму во Европскиот парламент, каде се’ е отворено и каде точно се знае кога се одржуваат седниците?“, се прашува Крочета.

Со случајот на Крочета се занимаваше и претседателот на Европскиот парламент, Јежи Бузек, кој и испрати писмо на белгиската министерка за внатрешни работи Анеми Туртелблом во кое бара на италијанскиот пратеник да му се пружи неопходната заштита. Претставник на белгиската полиција одговори дека Крочета има заштита, но и оти е прашање колкава заштита му е потребна, како и дека за деталите може јавно да се дискутира.

Стануваме херои дури кога ќе не убијат

Die Grünen im Europaparlament: Europäisches Parlament in Brüssel
Зградата на Европскиот парламент не е доволно безбедна за КрочетаФотографија: DW

Крочета значи се бори за полициска заштита која во второто седиште на ЕП во францускиот Стразбур ја добива без никакви проблеми. Таму Европарламентот заседава еднаш во месецот. Како пратеник тој сака да дејствува против организираниот криминал на европско ниво: „Во новите земји-членки на ЕУ насекаде има организиран криминал. Литванија, Албанија, Романија, Полска... Таму има криминалци кои се поврзани со италијанската мафија.“

Дека Крочета мисли сериозно, може да се види и од неговата биографија. 56-годишниот политичар беше градоначалник на Џела, град на Сицилија во кој формира цела мрежа фирми кои и пружаа отпор на мафијата. Тој е комунист и хомосексуалец нешта кои во Сицилија и натаму наидуваат на презир. За време на неговиот мандат на чело на градска управа беа уапсени околу 500 мафијаши. Безбедносните сили спречија повеќе напади врз него: „Ние борците против мафијата сме специјалисти. Во борбата стекнавме искуство кое можеме да им го пренесеме на другите. Но херои стануваме дури откако ќе не убијат.“

Автор: Кристоф Пресл / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска