1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија и еврејските организации на курс на помирување

9 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQn
Спорот меѓу Европската комисија и Еврејските организации е надминат. На вчерашната на брзина свикана средба меѓу шефот на Европската комисија Романо Проди и генералниот секретар на Светскиот еврејски конгрес, Израел Сингер, обете страни се потрудија да манифестираат взаемна доверба и волја за натамошна соработка.

По откажувањето на заедничкиот симпозиум на тема анти- семитизам во Европа, што Проди го стори како чин на протест против вербалните напади од страна на претседателите на Светскиот и Европскиот еврејески конгрес, генералниот секретар Израел Сингер на брзина ги спакува куферите и долета од Њујорк. На прес-конференцијата по средбата во Брисел, Романо Проди и Израел Сингер, се обидоа да ја попуштат затеганоста на односите меѓу Европската комисија и Еврејските организации дури и со прегратки и насмевки.

"Соработката на нашите институции е потполно повратена врз основа на полна меѓусебна доверба. Затоа можам да ви соопштам дека ќе ги продолжиме подготвките за заедничкиот симпозиум."

Кога точно треба да се одржи симпозиумот на тема антисемитизам во Европа, инаку првобитно планиран за февруари, вчера никој не соопшти. Следниот чекор е во секој случај личната средба на претседателот на Европскиот еврејски конгрес, Едгар Бронфман, со Проди и тоа во наредните 14 дена. Важно е меѓутоа да остане забележано дека ни генералниот секретар на Конгресот, Израел Сингер, не ги повлече приговорите на сметка на Европската комисија. Сега е важно да се сконцентрираме на самиот проблем, имено растечкиот антисемитизам во Европа, нагласи Сингер:

"Не треба да се концентрираме на спорното писмо, туку да се соочиме со самата тема. Ајде да појдеме од тоа дека во Европа имаме проблем. Ние решивме заеднички да му пријдеме на проблемот. Романо Проди и неговите колеги ветија дека директно ќе се позанимаваат со тој проблем и ние сме со тоа задоволни и се надеваме дека тој навистина ефикасно и ќе биде надминат."

Генералниот секретар на Светскиот еврејски конгрес исто така нагласи дека неговата организација е секако заинтересирана за јавна критичка дебата околу политиката на израелската влада. Секако под услов од неа да не произлезе насилство или закана за еврејските граѓани во Европа.