1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската потемкинова политика кон Балканот

8 јуни 2010

Словенците го отворија патот на Хрватска во насока на ЕУ. Тие на референдум рекоа „да“ за Арбитражниот договор со кој треба да се реши граничниот спор. Исходот од референдумот е повод за денешните анализи и коментари.

https://p.dw.com/p/NlDI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Тагесцајтунг“ коментира: „Работата се‘ уште не е дефинитивно решена, но Словенија, како и Хрватска, сега ќе ја чека одлуката на ЕУ. Тоа покажува дека и покрај финансиската криза и кризата на еврото, ЕУ очигледно се‘ уште има доволно интеграциона сила за да ги надмине ваквите конфликти по мирен пат. Тоа е важна порака, која може да зрачи и врз другите региони. Би било убаво, кога и оптоварувачкиот спор меѓу Атина и Скопје околу официјалното име на ’поранешната југословенска Република Македонија’ би можел да заврши со одлука на Брисел. Да се надеваме дека ваквиот начин на решавање на конфликтите ќе биде поучен“, се вели во коментарот на „Тагесцајтунг“.

ЈИЕ со многу нерешени прашања

„Ди Пресе“, пак, во текстот со наслов „Европската потемкинова балканска политика“, ги анализира вкупните состојби ЕУ-Балкан по средбата за Балканот во Сараево пред неколку дена и, меѓу другото, пишува: „Повторено беше ветувањето дека сите балкански држави, порано или подоцна, ќе најдат место во ЕУ. Значи, одвај дека има некаква супстанца. Ништо ново, но барем не е чекор назад од она што досега се ветуваше. Фактот што дури и тоа се смета за успех, кажува многу работи.

Прво, се поставува прашањето, колку е воопшто сериозно ова ветување? Зашто, земји како Германија или Холандија не се вистински убедени во тоа дека Унијата навистина би требало да ги прими сите држави од Југоисточна Европа. Економската криза и кризата на еврото, како и лошите искуства со Грција, Романија и Бугарија, го намалуваат расположението на граѓаните за прием на нови земји членки во ЕУ.

Во главните градови на земјите од ЕУ во однос на Балканот, не може да се понуди нешто многу повеќе од само ветувања за членство. Изгледите, некогаш да се биде дел од ’проектот Европа’, за многу земји од ЈИЕ и натаму е најважен поттик за реформи. И, добро е што е така. Но, ЕУ-државите со тоа си ја упростуваат задачата и нивната политика кон Балканот му ја префрлаат на Брисел, нејзе ја прават политика на правници, кои управуваат со преземањето на европските закони од страна на кандидатите за членство.

Наклонетоста кон бирократизација на политиката кон Балканот продолжува и на други нивоа - се‘ до предлогот на ’министерката за надворешни работи’ на ЕУ Кетрин Ештон, да инсталира нов ополномоштеник за Балканот. Како во ЈИЕ да нема веќе сега доволно емисари на ЕУ и на ’меѓународната заедница’. Министрите за надворешни работи не беа ’освоени’ од идејата на Ештон и проектот е, засега, ставен ’под мраз’.

Она што недостига не е уште еден ополномоштеник кој би ја обликувал ЈИЕ, според неговите, веројатно индивидуални, претстави.

И покрај сите ’позитивни сигнали’ што ги дава најновиот референудм во Словенија, за ЈИЕ остануваат нерешени важни прашања. А државите на ЕУ не покажуваат амбиции нив да ги решат со здружени сили“, се вели во анализата на весникот „Ди Пресе“.

Автор: ЕМФ/ БГ/ тац/ Ди Пресе

Редактор: Александра Трајковска