1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот однос кон хомосексуалците

Дафне Гратвол / Елизабета Милошевска Фиданоска8 јули 2012

Во Келн денеска (08.07) се одржува парада на хомосексуалците. Пред 43 години хомосексуалците на Кристофер стрит во Њујорк го кренаа гласот против полициското самоволие. Тие до денес се борат против дискриминација.

https://p.dw.com/p/15Tb7
Фотографија: Victor Weitz

Јурис Лавриковс има толку многу да каже, што дури понекогаш снемува глас. Има толку многу детали кои треба да се најдат во една реченица. Проблеми со дискриминација на хомосексуалците има и на ниво на ЕУ, вели портпаролот на ИЛГА Европа, Меѓународна асоцијација на лезбејки, геј, бисексуалци, трансексуалци и интерсексуалци за Европа.

Дискриминација врз основа на припадност на раса е забранета во сите сфери за кои има закони на ЕУ. Дискриминација врз основа на сексуална ориентација, вера или хендикеп, меѓутоа, е забранета само во сферата на вработување. Тоа мора да се промени, нагласува Јурис Лавриковс. Рамноправност мора да има и во пристапот до добра и услуги, простор за живеење или образование, бара тој.

Deutschland Berlin Christopher Street Day Kreuz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дискриминација во државите на ЕУ

Како сојуз кон кој припаѓаат околу 360 слични организации од 44 европски држави, ИЛГА се ангажира против дискриминација на хомосексуалците, бисексуалците, транс- и интерсексуалците. Сојузот има тесна соработка со институтициите на ЕУ. Лавриковс е задоволен од досегашната соработка. ЕУ и Советот на Европа бележат напредок во зајакнување на правата на хомосексуалците, бисексуалците, транс- и интерсексуалците, нагласува Лавриковс. ИЛГА е активна и на ниво на ОБСЕ.

ИЛГА во годишен извештај изготвува ранг листа на ситуацијата во 40 европски држави. Досега максимален број бодови - 30, не добила ниту една земја. На врвот на листата се Велика Британија, Германија и Шпанија со околу 20 бода. Многу од државите меѓутоа се наоѓаат во долниот дел на табелата со минусно бодовно салдо, нагласува Лавриковс: „Во таканаречената црвена зона се наоѓаат многу европски држави, почнувајќи од Руската Федрација, Украина, Молдавија, Азарбејџан, Ерменија, Турција, Поранешната Југословенска Република Македонија и Белорусија“. Се разбира, дискриминација има и на други места, но овие држави треба да се истакнат, вели портпарлот.

Flash-Galerie CSD Christopher Street Day 2011 Köln
Фотографија: DW/Shahriyar Ahadi

Токму овие земји беа осудени од страна на ЕУ-парламентот на крајот на јуни 2012 година поради хомофобични закони. Но Лавриковс наведува и земји кои се напреднати, а каде има потреба од борба против дискриминацијата: „Во Шведска трансексуалците треба да се стерилизираат ако официјално се изјаснат како трансексуалци. Тоа е прилично трауматично“, вели тој.

Има западноевропски држави каде дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација е поглема отколку во некои држави кои му припаѓаа на источниот блок, нагласува Лавриковс. Тој ги истакнува пред се‘ Грција, Малта и Италија. „Во Италија едноствано нема политичка волја за воведување соодветни закони.“ На пример, неуспешни се многу обиди на пратениците да ја категоризираат хомофобијата како оптоварувачки фактор на одредени злосторства, вели Лавриковс.

Parade zum Christopher Street Day in Köln
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, според него, не треба се смета дека причина за засилени хомофобични тенденции се единствено патријархалните општествени структури во државите на јужна Европа. Тој укажува на примерот на Шпанија и Португалија - во изминатите години во двете земји е направен голем напредок во однос на рамноправноста на половите или во делот на правата на хомосексуалците и трансексуалците. „Овие држави покажаа дека верските мнозинства или културните традиции не му стојат на патот на подобрувањето на правата на хомо, би-, транс- и интерсексуалците“, вели Лавриковс. Она што е неопходно е политичка волја и соодветни политички услови.