1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент расправа по извештајот за Македонија

Тони Гламчевски11 март 2009

Попладнево Европскиот парламент ќе расправа за напредокот на трите земји кандидати за членство во ЕУ, Хрватска, Македонија и Турција. Потоа в четврток ќе се гласа за резолуцијата за напредокот на Македонија во 2008.

https://p.dw.com/p/H9Z4
Со извештајот за Македонија денеска се занимава пленумот на Европскиот парламентФотографија: dpa

Во резолуцијата за напредокот на Македонија во 2008, предложена од холандскиот европратеник Ерик Мејер и поддржана од Комисијата за надворешни работи, се бара забрзување на процесот за одредување датум за почеток на преговори со Македонија. Освен тоа европратениците посочуваат дека отворените прашања на Балканот не треба да бидат пречка за пристапувањето во ЕУ и да имаат предимство пред процесот на европската интеграција.

Во предложениот текст на резолуцијата се изразува надеж дека грчката влада нема повеќе да го користи ветото против Македонија и дека ќе ја поддржи земјата во нејзините интеграции во Европската Унија и НАТО, со што се придонесува за стабилноста и просперитетот на регионот. Од двете страни се бара да изнајдат компромисно решение за проблемот со името во рамките на ООН.

Конечната формулација отворена

Но, не е сигурно дека оваа формулација ќе се најде во конечната верзија на резолуцијата. Грчките европратеници преку нивни колеги, бараат бришење на овај дел од текстот и замена со една многу поблага верзија. „Тие пронајдоа пријатели, користат колеги, за да се изгласаат амандмани во нивна полза“ – ни пренесува германската европратеничка Дорис Пак, од групата на Европските Народни Партии, која жали што се’ уште не е најден излез за проблемот со името.

Doris Pack
Европратеничката од Народната партија, Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Маринела Тушева, македонска парламентарка од редовите на опозиционата СДСМ, е на мислење дека Македонија почнува да губи пријатели во Европскиот парламент. „Сметам дека Македонија почнува да губи пријатели, кои беа макотрпно стекнати. Сега со некои несмасни чекори внатре во внатрешната политика почнуваме да ги губиме, за жал.“

Во втората по големина политичка група на социјалистите и социјалдемократите, превладува мислењето дека утврдувањето на датум за преговори и нивниот почеток, немаат ништо заедничко со билатералните проблеми кои постојат меѓу Грција и Македонија. „Двете нешта не треба да се мешаат. Во нашата група грчките европратеници од ПАСОК не се противат на предложениот амандан, со кој се бара нерешените билатерални проблеми да не станат поважни од процесот на европската интеграција. Не знам каква е ситуацијата во групата на Европските народни партии, но при гласањето се надевам дека мнозинството ќе се изјасни за ваквиот амандман. Двете работи не треба да се поврзуваат, бидејќи тоа значи блокирање на Македонија “ – тврди Јан Маринус Виерсма.

EU Türkei Abstimmung im Europaparlament
Каква верзија од резолуцијата за Македонија ќе изгласаат пратениците в четврток?Фотографија: AP

Позитивна оценка за известувачот Мејер

Најголемиот број од европратениците сметаат дека поднесувачот на резолуцијата Ерик Мејер со помош на другите европратеници направил добра работа. Македонските пратеници, на кои во Стразбур во последна лобинг мисија ќе им се приклучи во текот на денов и вице-премиерот Ивица Боцевски, го делат мислењето на нивните европски колеги и се едногласни: резолуцијата реално ги отсликува состојбите во Република Македонија.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Ќе се придружи во лобирањето: вицепремиерот Ивица БоцевскиФотографија: DW

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ оценува дека европратениците имаат позитивно расположение кон Македонија: „Тие имаат позитивно расположение кон Република Македонија и се надеваат дека резолуцијата што ја усвојува Европскиот парламент, соодветно ќе ја разгледа Европската комисија и ќе постапи според препораките и ќе даде датум за отпочнување на преговори, ќе даде визна либерализација и дека Грција ќе попушти по прашањето за името.“