1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европските акции речиси со најниска вредност во последниве две години

19 август 2011

Нови грижи за инвеститорите на светските берзи. 1,4 трилиони долари од вредноста на акциите беа загубени вчера и денеска на светските берзи, што е еднакво на големината на шпанската економија.

https://p.dw.com/p/12K0U
Вредноста на акциите оди до најниското ниво, достигнато пред повеќе од две годиниФотографија: gemenacom - Fotolia/AP/DW

Европските акции денеска се приближија кон најнискиот пад во последниве две години, со што продолжи тонењето на берзите, а се зголеми и стравот дека големите економии се движат кон рецесија и креаторите на политиките немаат одговор на кризата со долговите во евро-зоната.

Дел од нервозните инвеститори се свртеа кон владините обврзници, швајцарскиот франк и златото за да го заштитат својот капитал, бидејќи клучните индекси на берзите во Британија, Франција и Германија отидоа во „црвената зона“.

Deutschland Wirtschaft Kursrutsch an der Frankfurter Börse
Вредностите на британската, француската и германската берза се во црвеноФотографија: picture-alliance/dpa

Паѓаат речиси сите индекси

Индексот „FTSEurofirst 300“, што ги мери перформансите на 300-те најголеми европски компании, вчера падна за 4,8 проценти, што е најголем пад во еден ден од падот во март 2009-та. Но, таквиот тренд продолжи и денеска. Само во овој месец, индексот загуби 16 проценти од својата вредност.

Светскиот индекс за капиталот во акции „MSCI“ падна за 1,25 проценти и со тоа загуби околу 15 проценти од почетокот на месецот.

Со општиот пад на вредноста на акциите најпогоден е банкарскиот сектор. Банкарскиот индекс „STOXX Europe 600“ падна за три проценти, а оваа година бележи пад од 31 процент. Вредноста на, на пример, германската „Дојче банк“ паднаа за 5,5 проценти.

Deutschland Wirtschaft Börse in Frankfurt Kurse im Talfahrt DAX
Нервозните инвеститори купуваат злато, швајцарски франци и владини обврзници, за да го спасат својот капиталФотографија: dapd

„Европските влади гарантираат за европските банки, но ако владите не се доволно стабилни за самите себе, тогаш тоа значи дека банките не се стабилни“, вели главниот инвестициски офицер од „Октопус инвестментс“, Лотар Ментел, кој управува со 4 милијарди долари.

Ако се фрли поглед на берзите низ Европа, ќе се забележи дека британскиот индекс падна за два проценти; германскиот за 3,4; францускиот за 2,7; а шпанскиот за 3 проценти. За денеска е планирано шпанската влада да објави дополнителни мерки за штедење. Претходно оваа недела, новиот француско – германски предлог да се зголеми фискалната конвергенција на еврозоната не успеа да ги убеди инвеститорите, а се чинеше дека должничката криза на Унијата е блиску до решение.

И енергетските компании бележат падови, откако цената на суровата нафта падна, поради помалата побарувачка.

Deutschland Wirtschaft Börse in Frankfurt Kurse im Talfahrt DAX
Падот на берзите ќе има влијание и на буџетот во домаќинстватаФотографија: dapd

Падот на берзите ќе влијае на парите во домаќинствата

Златото, пак, достигна рекордно ниво и се продаваше од над 1860 долари за унца, бидејќи инвеститорите ги ставаат своите пари во овој „спасоносен рај“, поради загриженоста за идниот изглед на економијата. Но, акциите во „рударската област“ паднаа, а цените на бакарот отидоа за два проценти надолу.

Остриот пад на берзите се очекува да има негативно влијание врз богатството во домаќинствата, ќе продолжи понатамошното поткопување на довербата на потрошувачите и ќе се намали побарувачката во наредните месеци. Зголемената несигурност за можен пораст на економијата, исто така може да ги натера производителите да го одложат донесувањето одлуки, што дополнително ќе го погоди светското производство.

Автор: Александар Методијев/ Ројтерс

Редактор: Симе Недевски