1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европските политичари не можат да го избришат македонскиот јазик“

22 април 2011

Бришењето на придавката „македонски“ во Резолуцијата на ЕП нема да има големи последици на меѓународно признатиот статус на јазикот во науката и академските кругови во Европа и светот, велат двајца врвни лингвисти.

https://p.dw.com/p/111kp
Волф Ошлис, прв од лево
Волф Ошлис, прв од лево, на Семинарот за македонски јазик во ОхридФотографија: DW

Пол Фостер, експерт за јазиците и културите на Балканот и во Источна Европа од Индијана универзитетот во САД, коментира:

„Не може, апсолутно не може еден чиновник, или политичар во Европа, да го избрише македонскиот јазик. Тој живее во говорот на луѓето, кои го зборуваат. Македонскиот јазик постои меѓу Македонците, но и другите луѓе кои го користат. Македонскиот јазик постои додека постои македонскиот народ.“

Волф Ошлис, познатиот лингвист и политиколог од Германија, е категоричен:

„Статусот на македонскиот јазик е потврден ширум светот. Јас сум учесник секоја година на охридските семинари за македонски јазик, литература и култура и се радувам секоја година, гледајќи колку млади луѓе од многубројни земји земаат учество со единствена цел да го научат македонскиот јазик. Значи, Македонија има безброј грижи и проблеми, но никакви со својот јазик.“

„Политиката не би требало да се меша во науката и академските работи“

Фостер, кој е актуелен проректор на Штуловиот универзитет во Тетово, истакнува:

„Македонскиот јазик е признат во академските средини. Тој се изучува многу години во универзитетите тука во Европа, и во Америка. За науката нема збор, нема дилеми, можеби со исклучок во Бугарија, или во Грција, но во Западна Европа, во Русија, во Источна и Централна Европа, во Јужна и Северна Америка е присутно изучувањето и постоењето на македонскиот јазик и тоа не само од сега, туку од 1945 година. Но, статусот на овој јазик во Европскиот парламент е политичко прашање, тоа е нешто сосема друго Политиката не би требало да се меша во академските, научни работи. Статусот на македонскиот јазик во науката е солиден, беше и ќе биде солиден. Но, во политиката е сосема друго прашањето.“

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Ошлис укажува на пишувањата на германскиот лингвист Рајнхолд Траутман:

„Ние во Германија од одамна се придржуваме кон ставот на овој германски славист, кој уште во 1948 година пишуваше дека 'македонскиот јазик истовремено е и најстариот словенски јазик, имено, мајчиниот јазик на Кирил и Методиј, и најмладиот административен и наставен јазик во словенското јазично семејство.“

„Судбината на македонскиот јазик и идентитет не зависи толку од Стразбур и Брисел, туку од случувањата во Македонија, од самите Македонци“

Тогаш, на што се должат разликите меѓу институциите на политичка Европа и научно-интелектуалните кругови на европскиот континент, кога станува збор за македонскиот јазик и македонскиот идентитет?

Ошлис вака одговара на ова прашање:

„Тоа е така затоа што Европската комисија, Европската унија, се долги години жртва на изнудувањата од страна на Грција. Една стопански сосема банкротирана земја – Грција, ги изнудува партнерите во ЕУ и ги диктира условите за прием на кандидатите, како Македонија. Станува збор за така нaречениот ’спор околу уставното име на Македонија’, што е една лоша шега. Има една стара македонска поговорка: ’Кога си мост, секој ќе те гази’. За жал, тоа е правено и во врска со Македонија. Сето дејствување на Брисел кон оваа земја е една голема неправда.“

Во овој контекст професорот Фостер истакнува дека она што ќе се случува со македонскиот јазик и идентитет нема да зависи толку од случувањата во Стразбур, или во Брисел, туку во самата Македонија:

„Се зависи од самите Македонци, од македонскиот народ. Би било убаво, кога би имале повеќе пари за учење и проучување на македонскиот јазик, да напишеме еден фантастичен роман на македонски, да биде преведен на сите јазици на светот. Да има и нобеловец од македонската книжевност, тоа би било фантастично за македонскиот јазик ! На македонски јазик има фантастични писатели сега, но и во минатото. Ќе ги има и натаму и меѓу тие луѓе треба да се спроведува афирмацијата на македонскиот јазик и народ, на македонската култура. Зависи и од нас, луѓето кои го користиме овој јазик, како странци тука, како странци во Америка. Сепак, се зависи од вас, како луѓе, кои го зборувате македонскиот јазик. Парламентот во Стразбур, во Брисел, далеку е .... Важно е тука во Македонија ...“

Professor Paul Forster Sprachwissenschaftler
Професор Пол ФостерФотографија: Sveto Toevski

Но, тој забележува со критичен тон:

„Не знам каде ќе биде крајот на ова, ама овој процес трае веќе со години. Секоја година има нешто во Европскиот парламент или со Грција, или со Бугарија. Статусот на македонскиот јазик е дефиниран, но, сепак, постојано има предизвици. Од една страна, тоа е добро за да размислиме многу длабоко за таквите прашања.“

Ошлис надополнува:

„Македонија не треба да заспие, таа мора да биде секогаш на штрек и без прекумерни очекувања, бидејќи од Европската комисија, од Европската унија не се очекува ништо во овој момент. Таа ветува ветува се‘ и сешто, но со апсолутна сигурност ги наградува и ги казнува погрешните.“

„Сегашноста и иднината на сопствениот јазик и идентитет е во рацете на самите Македонци“, сумираат овие научници.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска