1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Евросонг - кич, уметност, култ или политика?

Бернд Ригерт
18 мај 2019

Евросонг, сосем логично, е и политичка манифестација, што и отсекогаш беше, смета Бернд Ригерт. Но, ако не смее да се пее во Израел, не смее ни да се игра Светско фудбалско првенство во Катар.

https://p.dw.com/p/3Idna
Eurovision Song Contest 2019 | Protest in Tel Aviv
Фотографија: AFP/Getty Images/M. Kahana

Блескави поп-музичари ги пеат своите песни наЕвросонг, кој веќе третпат се одржува во Израел, а илјадници луѓе во Тел Авив со денови радосно ги следат, како и 180 милиони гледачи пред телевизорите во целиот свет. Истовремено, израелската влада го оградува Појасот Газа, го држи Западниот Брег под окупација и ја анектираше Голанската Висорамнина. Имаат ли овие две работи нешто заедничко? 

Организаторите на изборот на Песна на Евровизија велат „не“ и се извлекуваат од јавната дебата. Пејачите имаат забрана јавно на отворена сцена да се изјаснуваат во врска со блискоисточниот конфликт. И на поп-кралицата Мадона, која ќе настапи во паузата на музичкиот натпревар, ѝ е „затворена устата“. Само група од Исланд не се придржуваше на забраната и пред својот настап фабулираше за „апартхејдската држава Израел“ која ги дискриминира Палестинците.

Палестинците велат „да“ и го користат вниманието кое го предизвикува музичкиот фестивал за свои цели. Ракетниот „дожд“ врз израелските градови од пред десет дена, кој беше испратен од палестинскиот Појас Газа, требаше да ја пренесе пораката дека на еден весел музички натпревар не му е местото во „угнетувачка“ држава како Израел, како што велат критичарите. Израел самиот пак го велича „самитот на музичарите“ како доказ за тоа колку светски отворена и толерантна е единствената демократија на Блискиот Исток.

Политиката игра во ист такт

Евросонг значи, сосем логично, е и политичка манифестација, што и отсекогаш беше. На почеток како симбол за единството на западна Европа по Втората светска војна, по падот на Берлинскиот ѕид како средство за сраснување на Истокот и Западот. Изборот за Песна на Евровизија своевремено често предничеше, имаше повеќе членки отколку Европската заедница, ја вклучи комунистичката Југославија долго пред крајот на Студената војна. Израел учествуваше уште пред четириесет години.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Исто така и северноафрикански и арапски држави се членки на формираната Европска радиодифузна унија, но со исклучок на Мароко, никогаш не зеле учество поради одбивниот став кон Израел. Уште во 1960 година имаше протести на Евросонг, тогаш тие беа против шпанската воена диктатура.

Конфликтите на Русија со Грузија и Украина, тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан: сето тоа одново го политизираше во суштина наивниот Евросонг зад неговата шарена фасада.

Без влијание

Бојкотирачките повици против Израел и Песна на Евровизија останаа безуспешни. Сите 41 пријавени уметници се појавија за да ги претставуваат своите земји. Пристигнаа помалку туристи и фанови отколку што се предвидуваше, но причината треба да се бара помалку во политиката и безбедносната ситуација, туку повеќе во апсурдно високите цени на влезниците, хотелското сместување и транспортот за музичката манифестација.

Во Израел ништо не е неполитичко. Сѐ и секој се поврзува со палестинскиот конфликт или обвинувања за антисемитизам. Про-палестинската бојкотирачка кампања БДС оваа дебата ја доведе до гротескна кулминација. Со целосна сериозност таа тврди дека израелската влада ја прикрива својата „незаконска“ политика зад знамето на виножитото на лезбијките, хомосексуалците, транссексуалците и интерсексуалците, чија посебна наклоност кон Евросонг се разви во симбол. Бојкотирачката кампања БДС значи тврди дека ЛГБТИ-заедницата дозволува да биде впрегната во претставувањето во розова боја на доселеничката политика на владата на Нетанјаху.

Точно е дека лезбијките и хомосексуалците во Израел можат да живеат речиси непречено. Патем, и палестинските хомосексуалци се забавуваат во Тел Авив. Во толерантното израелско општество постои можност за склучување истополви бракови и двојките можат да посвојуваат деца. Во Појасот Газа и во Западниот Брег хомосексуалноста е презрена од длабоко репресивното општество. Самите активисти на бојкотирачкото движење аргументираат со хомофобни ставови кога израелската политика кон Палестинците ја ставаат во ист кош со рамноправноста на хомосексуалната заедница.

Да не се пее не е никаво решение

Антисемитските импулси на палестинските активисти од БДС треба да се отфрлат со гнасење. Во своето протестно лого тие употребуваат симболи кои треба да означат паралели меѓу нацистичкиот терор и музичкиот натпревар во еврејската држава.

Секако дека е дозволена критика на политиката на израелската влада, но таа не смее да се преточи во антиеврејска пропаганда.

Ако се употреби критериумот на критичарите на Евросонг, тогаш не смееше да се одржи музички натпревар ниту во 2012 година во Азербејџан или во 2009 година во Русија. Во овие држави ситуацијата на човековите права не е најдобра. Ако не смее да се пее во Тел Авив, тогаш не смее да се одржува Светско фудбалско првенство во Катар или пак Олимписки зимски игри во Кина во 2022 година. На овие земји има исто толку да им се забележи како и на Израел. Бојкот и изолирање? Не. Дискусија и критика? Да. Тоа може да биде политичкиот дух на Евросонг. Не треба да се очекува премногу.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија