1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзистенцијален страв по големите поплави

Ден Хиршфелд / Елизабета М. Фиданоска13 јуни 2013

Нивото на водата во некои од поплавените региони во Германија стагнира или се намалува. Сега станува видливо дека предизвиканите штети ќе се мерат со милијарди евра. Многумина во поплавата загубија се‘ што имаа.

https://p.dw.com/p/18oJi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во селата во источните делови на покраината Саксонија, кои се‘ уште целосно или делумно се под вода, владее глува тишина. Полицијата и луѓето од службата за заштита од катастрофи не пуштаат надворешни лица да влезат во селата. Понекогаш тоа не им го дозволуваат ниту на селаните, зашто постои опасност по живот - поради опасност од уривање на нови насипи, можни се натамошни поплави.

Во вакво едно „село на духови“ во Саксонија, во Лесниг, го среќаваме Томас Хазе. Тој е плочкар, неодамна станал татко и за сопругата и петмесечниот син купил куќа, поставена идилично, со голема градина. Веднаш зад куќата почнуваат полиња.

Стопроцентна штета во нов објект

Пред три недели завршил со реновирање на подрумот, од кого направил стан во кој требало да се вселат потстанари на почетокот на јули. Станарината требало да му покрие дел од ратата за кредит што го има за куќата и да послужи за финансирање на новиот систем на парно греење. Хазе за тоа ја потрошил својата заштеда - 30.000 евра.

Folgen des Hochwassers in Strehla, Sachsen
Томас Хазе пред поплавената куќаФотографија: DW/J. Hirschfeld

Сега неговиот сон е руиниран. Крупниот човек одвај се воздржува да не заплаче. Големата градина е претворена во езеро. Куќата е под вода се‘ до првиот кат. Станот замислен за издавање, парното греење, електроинсталациите - се‘ е уништено. А осигурување во случај на поплави, во овој регион - нема. Доколку и се најде некое осигурително друштво кое би склучувало договор за покривање на основна штета, тогаш премиите се екстремно високи. Прескапо за луѓе како Томас Хазе. Тој ги однесол сопругата и детето во соседен Гросенхајн, оддалечен на околу половина час возење. Поради затворениот мост на Елба во моментов дотаму се патува цели два часа. Затоа речиси и не може да си го види семејството. Не може да направи повеќе од водење телефонски разговор. Томас Хазе не знае што ќе се случува со него и семејството.

Очајна борба против поплавата

Во многу слична ситуација е и Холгер Рајхл од Лунценау во Саксонија, мало гратче меѓу Кемниц и Лајпциг. Претприемачот тука пред неколку години ја купил фабриката за хартија. Во фабриката го вложил сиот свој капитал. Ваботените, 32 на број, произведуваат материјал за пакувања. Многу од машините Рајхл ги конструирал самиот и ги реализирал идеите заедно со своите вработени. Го извлекол претпријатието од криза, за таа цел дури и се задолжил. Само што тргнало напред, секој ден се‘ повеќе камиони ја напуштале фирмата со произведеното, муштериите биле задоволни. Она што Рајхл го раскажува за ноќта на поплавата, предизвикува морници.

Hochwasser in Lunzenau
Фабриката за хартија е уништенаФотографија: DW/D. Hirschfeld

Кога стигнало предупредувањето од катастрофа Холгер Рајхл поитал во фирмата. Била вечер, 19:30 часот. Многу негови вработени веќе биле стигнати и ги демонтирале моторите од машините. Се обидувале да ги складираат скапите делови, тешки со тони, што повисоко, за да не ги зафати водата. Рајхл и неговите луѓе набрзина дури изградиле и провизорна заштита од поплави, ги блокирале вратите и портите на фабричките хали со штици, градежна пена и вреќи со песок. Тогаш надошла водата. Во 21:30 часот водата почнала да притиска на вратите од фабриката. Заштитата држела, внатре било суво. Луѓето продолжиле да размонтираат. Нешто пред 22 часот водата почнала да притиска многу на една од вратите. Со електрични пумпи Рајхл и вработените се бореле против поплавата. Испумпувале вода побрзо отколу што надоаѓала и - имале надеж.

Hochwasser in Lunzenau
Фотографија: DW/D. Hirschfeld

Но, потоа, околу 22:30, одеднаш било темно. Станицата за струја преку која фабриката се снабдува со електрична енергија била поплавена. Не само што снемало светло, туку веќе не работеле ниту пумпите за вода. А водата се зголемувала. Нивото одело се‘ погоре. На крајот, нивото било 20 сантиметри превисоко. Пробиени биле вратите, а фабриката била загубена.

Холгер Рајхл нема поим што ќе се случува натаму со претпријатието. Што да им каже на 32-та вработени и нивните семејства? Кога водата се повлекла, сите работеле на расчистување. Од халите се исфрлени огромни количества кал. Шефот не знае дали машините некогаш повторно ќе проработат. Тој дури и има осигурување од поплави, но колку од штетата ќе биде надоместена и кога - останува отворено. Дел од штетите Рајхл мора да го плати од својот џеб, како свое учество. Ако не било така, немало воопшто ниту да му дадат договор за осигурување.

Се‘ додека машините не работат, претприемачот не заработува ниту цент. Тоа веројатно нема да трае со недели, туку со месеци.