1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден ден по изборите

Тони Гламчевски7 мај 2007

Франција се разбуди со нов претседател. Додека десницата слави и размислува за составот на новата влада, левица се обвинува за поразот.

https://p.dw.com/p/AbxH
Франција по изборите
Франција по изборитеФотографија: AP
Победата на Саркози за Фигаро е „Блескава победа“, за Паризиан „Триумфот е тотален“. Либерасион признава дека „Победата е легитимна“, за овај лево ориентиран весник „Саркози е како Тачер без сукња“, барајќи од своите читатели да бидат подготвени на сé.

Секој од французите денес го чита својот весник, знаејќи дека во него ќе ја најде радоста за победата или утехата за поразот.

Никола Саркози иако убедливо ја порази Сеголен Роајал, сепак изутринава Франција е поделена на два дела. Мнозинскиот, кој верува во визијата на Саркози и малцинскиот кој стравува и смета дека таа визија е опасна.

Поделбата беше видлива посебно синоќа. Додека на плоштадот Конкорд во Париз, славеа околу 30 000 симпатизери на Саркози. На соседниот плоштад на Бастиља се слушаа експлозии на солзавец. На Бастиља исто како и во центрите на повеќе градови, како Тулуз, Лил, Лион, Нант, или Рен, противниците на Саркози се судрија со полицијата. Во инцидентите беа изгорени 367 автомобили, и 270 лица беа уапсени.

Никола Саркози е осуден на успех. Тој треба да ја реализира својата програма, читаме во регионалниот весник Уест Франс.

Така размислуваат и многу други денешни весници во Франција. За Л’Ест Републикан дури сега започнуваат тешкотиите на Саркози. Тој треба да ја преизмисли политиката, да ја состави својата нова влада која мора да биде поширока од партиските бои на УМП. И да ја погледне Франција во огледалото на економската, социјалната и културната реалност.

Накратко, новоизбраниот претседател треба да ги слушне тие што го избраа, но и другите кои не му веруваат.