1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едиција за македонската литература

Свето Тоевски5 јануари 2009

Промоција на проектот „130 томови на македонската книжевност“. Овој капитален проект на целокупната македонска култура опфаќа дела од повеќе од сто автори што творат во Македонија.

https://p.dw.com/p/GS61
„Книгите се кораби на мислите“Фотографија: picture alliance/dpa

Во Скопје беше промовиран проектот „130 томови македонска книжевност“, којшто е инициран од Друштвото на писателите на Македонија, а поддржан од Владата на Република Македонија.

Според премиерот Никола Груевски, целта на проектот е да ја покаже богатата и слоевитата слика на книжевните вредности на Македонија, додека за министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, тој има капитално значење за литературните вредности во Македонија.

Во проектот беа вклучени осум членови на Македонската академија на науките и уметностите, дваесет универзитетски професори, десет научни работници и четириесет писатели.

Отворањето на „школката“ во која се наоѓаше литературата

За Гане Тодоровски овој проект е „(...) добредојден не само затоа што се јавува во едно кризно време, туку и затоа што е единствен од овој вид. Досега немало слично во претходните акции во културата“.

Според Матеја Матевски, едицијата ќе им овозможи и на странските читатели, кои го познаваат македонскиот јазик или се интересираат за него: „(...) да се запознаат повеќе со македонската литература, со македонската култура и со феноменот ’Македонија’ воопшто“.

Чувство и за книжевното творештво на етничките заедници

Riesengroße Bücher werben für Leipziger Buchmesse
КнигиФотографија: picture-alliance/ dpa

Луан Старова со став: „Тука е посветено особено внимание на албанската литература, која се создава во Македонија. Ретки се проектите од ваков вид не само на Балканот, туку и воопшто, каде што се има чувство за сложеноста на книжевниот феномен. Овој потег има големо значење за Македонија“.

Раде Силјан, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, оценува: „Без лажна скромност треба да кажеме гласно дека само повисоките уметнички дострели веќе не’ препознаваат во Европа и во светот како народ со длабоки духовни и национални корени“.

„Книгите се кораби на мислите и патоводни ѕвезди во брановите на времето, кои го носат грижливо скапоцениот товар, пренесувајќи го од поколение на поколение“, оваа мисла на големиот филозоф Френсис Бекон е вткаена најдиректно во 130–томната книжевна едиција, која ќе го збогати пребогатиот македонски културен трезор со нова оставина за свеста, културата и традицијата на идните генерации во Македонија.