1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година во ред за виза за Германија

1 септември 2018

Полесно до работа во Германија? Така барем овозможува новата регулатива во земјата. Но времето за чекање за германска работна виза во Србија на пример се мери со месеци...

https://p.dw.com/p/323mb
Serbien Deutsches Arbeitsvisum
Фотографија: DW/S. Kljajic

На државјаните на земјите од Западен Балкан, со промена на регулативата во 2016 година, им е олеснето вработување во Германија, па оние кои имаат доказ дека им е понудена работа во Германија можат да аплицираат за работна виза. Тоа доведе до зголемување на бројот на барања во амбасадите, па затоа и времето за чекање на издавање на визите се продолжи.

За да се забрза постапката, на крајот на ноември 2017 година германската амбасада во Белград ја поедностави процедурата, така што ја укина обврската работодавачите да бараат дозвола за вработување. Сега овој дел од процедурата, во кој се вклучени германските власти и германските агенции за вработување, го извршува самата амбасада.

Проблемот, меѓутоа, не е решен на овој начин,  бидејќи- за само да ги предадат документите- кандидатите чекаат со месеци, како што велат, овој период не се намалил, туку и се продолжил. „До јуни за термин за предавање на документите се чекаше 4 до 5 месеци, а од јуни тоа се продолжи на седум“, вели за ДВ, Дејан М. од Белград. Тој во февруари добил работа во ИТ- секторот во Берлин и веднаш аплицирал за виза. И натаму чека термин за предавање на документите.

Разговор со оператор

Според податоците на интернет сајтот на Амбасадата на СР Германија, на термин за предавање на документи, во зависност од категоријата на вработување, се чека од 5 до 10 месеци. Потоа за одговор се чека уште 9 до 10 недели, а како што самите наведуваат „често и подолго“.

Со разни мерки настојуваме да го намалиме времето на чекање за термин, одговараат за ДВ во амбасадата. „Во Секторот за визи дополнително се вработени службеници, додека истовремено е оптимирана презентацијата на релевантни информации на интернет страницата на амбасадата, за да се олесни пристапот до информации и на сите поднесители на барање точно да им се објасни кои документи им се потребни. Исто така, даваме опширни објаснувања по имејл“, се наведува во пишаниот одговор.

Преку електронска пошта е невозможно да се добие одговор, тврди Дејан, кој засега нема позитивни искуства со германската администрација. Вели дека службениците даваат многу штури информации, па најмногу се информира на интернет-форумите и на Фејсбук-групите на кои луѓето ги кажуваат своите искуства и си помагаат меѓусебно. „Тие не одговараат она што ќе ги прашате, туку имаат шаблон кој е ист за сите прашања. А кога ги барате телефонски, не ги кажуваат имињата и презимињата и додека зборуваат, веќе ја спуштаат слушалката, така што не можете ни да ги прашате“, се жали Дејан.

Serbien Serbischer Pass
Фотографија: DW/S. Kljajic

„Стандардните одговори кои даваат детални информации ни помагаат што поголем број службеници, кои инаку би давале информации телефонски, да работат на шалтерите, за да се забрза процесот за поднесување на барање“, ни одговараат од амбасадата. Притоа, нагласуваат дека, поради заштита на податоците, не постои можност за давање на информации во врска со тековните предмети по телефонски пат. „И покрај сите настојувања на амбасадата, голем број подносители на барање ги доведува до подолго чекање, а со самото тоа и до незадоволство. Колешките и колегите поради тоа се школуваат како и во непријатни ситуации да дадат љубезни одговори“, се додава во одговорот.

Семејство на далечина

Во меѓувреме трпението го губат и оние кои чекаат виза, и работодавачите кои мораат да ги чекаат работниците и по една година. „И што ќе правите тогаш? Во ИТ- секторот никој нема да ве чека 12 месеци“, вели Дејан. Тој укажува и на апсурдот дека договорот кој се предава во амбасадата не смее да биде постар од 6 месеци. „Значи мојата фирма би морала да ги менува датумите. Тоа е класична замка 22, така што тука нема решение. Можеш само да чекаш и да бидеш трпелив“, додава Дејан.

Најмногу од сѐ, него сепак го згрижува колку време ќе помине додека во Германија не му се придружат сопругата и синот, бидејќи за соединување на семејство во најдобар случај се чека исто толку време, а во најлош случај и подолго. „Тоа е катастрофа. Ајде да сме разделени 3 месеци, тоа некако и ќе се протурка, но 6 или повеќе, тоа е многу лошо“, загрижен е Дејан.

Оваа процедура може да се искомпликува и повеќе од добивање работна дозвола, бидејќи за соединување на семејство е неопходно да се исполнат и дополнителни услови- дека сопружникот кој добил работа во Германија има доволно примања да издржува семејство и да има соодветно сместување. Во случајот на семејството Милошевиќ, процедурата на соединување траела 3 години.

Сопругот отиде во октомври 2015 година. Тој е медицински техничар и тоа брзо се заврши, бидејќи тогаш не се чекаше долго за термин во амбасадата“, се сеќава Нина. Тогаш, меѓутоа, почнале работите да се компликуваат. „Никој не му кажа дека дипломата ќе треба да ја нострифицра дури наредната година. Таа информација ја сокри администрацијата и тие се виновни за тоа што чекавме многу долго“, лута е таа и денес за тоа.

Така две години им поминаа до нострификација на дипломата и во потрага по работа. Кога конечно добил договор во Барварија, следувала потрага по стан, кој ќе ги задоволи критериумите на администрацијата. „Во минатата година во октомври аплициравме за термин во амбасадата надевајќи се дека во меѓувреме ќе најдеме стан, но безуспешно. На крајот даде отказ и замина во Дрезден. Еден месец беше без работа и на крајот најде стан и нова работа, па повторно испраќавме документи во амбасадата“, ја продолжува Нина нејзината сака. Новиот термин го добија во март годинава, а три месеци подоцна конечно и визи за неа и двете деца.

Живот на стенд-бај

И Дејан и Нина го истакнуваа истото- оние кои влегуваат во авантурата, мора добро да се вооружаат со трпение, бидејќи заминувањето на легален начин е сѐ само не едноставно.

Дејан вели дека повеќе не е во позиција да се откаже, бидејќи поради новата работа во Германија, дал отказ на претходното работно место во Белград, па останал без редовни примања. „На почетокот позајмувам пари. Потоа отворив претприемачка компанија и започнав да работам за фирма во Германија како фриленсер. Но тоа е така,  затоа што, за сета среќа, фирмата е нормална и ги почитува работниците, па сега заработувам за да можам да ги вратам долговите. Но, што прават другите луѓе, како се знаоѓаат, јас навистина не знам“, разкажува Дејан. 

Нина на моменти губеше надеж дека нивната ситуација некогаш ќе биде решена. „Во меѓувреме многу работи се менуваа во нивните правила, па мора да се следи секојдневно. Но кога семејствата се толку долго разделени, настануваат разни проблеми. Тешко е да се биде во брак на таков начин. Особено кога ни тој таму, ниту јас овде немаме пари, децата се мали, а неизвесноста огромна“, раскажува Нина. 

Кога конечно ѝ јавиле дека визата е одобрена, вели, не можела да верува. „Се тресев и гледав во телефонот. По толку време, толку непријатности...“, се присетува на тој ден и сега низ насмевка заклучува: „Ќе отворам агенција за помош на луѓето во ваква ситуација“.