1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година независен Јужен Судан - сиромашни и покрај нафта

Лина Хофман / Елизабета Милошевска Фиданоска9 јули 2012

Јужен Судан денеска (09.07) прославува една година независност. Независноста беше славена како голем политички успех. Економски пак, и покрај огромните резерви нафта, состојбата не мрда.

https://p.dw.com/p/15U14
Фотографија: picture alliance / dpa

И покрај тоа што е богата со нафта, вода и земни богатства, новата држава Јужен Судан се бори за преживување. Долгогодишната граѓанска војна остави траги. До денес нема доволно улици, училишта, болници, струја, вода, а од почетокот на годината и бензин. И тоа и покрај тоа што во земјата има големи резерви на нафта. По прогласувањето независност многу региони богати со нафта му припаднаа на југот, но нафтоводите за извоз на нафтата минуваат низ северот.

Низ тие нафтоводи веќе не минува нафта, поради тоа што Северен и Јужен Судан не можат да постигнат согласност околу транзитните такси. Владата на Северен Судан во Картум бара 36 американски долари за барел нафта која минува низ нафтоводите. Јужен Судан е подготвен да плати само еден долар за барел. Јужен Судан во јануари го обвини северот дека краде големи количества нафта и привремено го прекина производството на нафта.

Касите оттогаш се празни, зашто од нафта доаѓаат 90 проценти од приходите на земјата. Тоа се заканува да ја замре економијата, оценува Волф-Кристијан Маес од Бонскиот меѓународен центар за конверзија (БИЦЦ): „Ако не се постигне решение околу постоечките нафтоводи, тогаш Јужен Судан за неколку месеци или дури и недели може да снема девизи и да биде платежно неспособен.“

Symbolbild Sudan Südsudan Konflikt um das Öl
Конфликтот меѓу северниот и јужниот дел на Судан е остарФотографија: Fotolia-Dark Vectorangel/DW

Стапката на инфлација расте

За да може да ги исплати платите, сега Јужен Судан печати дополнително пари. Оттогаш стапката на инфлација расте прилично. Истовремено се забавува економскиот пораст. Цените на прехранбените производи експлодираат, се намалува земјоделското производство. Иако аграрниот сектор во Јужен Судан важи за многу надежен и има голем потенцијал за пораст, Организацијата на ОН за исхрана и земјоделство ФАО стравува дека е можна криза со глад. За експертот за Судан, Паес, проблемите се должат пред се‘ на недоволната инфраструктура.

Како „ситните селани, така и земјоделските претприемачи имаат ист проблем - далеку се од пазарите“, вели Паес. Сообраќајните поврзници на Јужен Судан со Уганда и Кенија, двата најблиски пазари за извоз на земјоделски производи, се катастрофални и со тоа и транспортот е скап.

Алтернативен нафтовод не е економски исплатлив

Кај нафтата ситуацијата е исто така лоша. Јужен Судан е сообраќајно така отсечен што е тешко да се извезува нафта без притоа да се користат нафтоводите на север. Затоа земјата размислува за изградба на алтернативен нафтовод кој ќе минува низ Кенија. Трошоците би изнесувале три милијарди американски долари. Се‘ уште е нејасно кој би го презел финансирањето. Банките досега се чинат незаинтересирани. Јужен Судан, според стравувањата на набљудувачите, можеби и нема толку големи резерви на нафта колку што се потребни за нафтоводот да биде исплатлив.

Archiv Ölfeld Bentiu zu Sudan Kämpfe
Дали нафтовод низ Кенија би бил исплатлив?Фотографија: AP

Освен тоа, планираниот нафтовод би требало да минува низ политички несигурен регион. За Абрахам Матоц Дал, професор на универзитетот Румбек во Јужен Судан, дополнителен трошок би биле и нејасните еколошки ризици при изградба на ваков нафтовод или рафинерија. Еколошките штети што тие би ги предизвикале би можеле да доведат до загуба на аграрна површина, редукција на стока и иселување на тамошното население. Кога сето тоа би се пресметало, вистинските трошоци за производството на нафта и на транспортот би биле значително повисоки.

Да се стане независен од приходите од нафта

Јужен Судан сепак, како што тврди Маток, успева да создаде вистински рамковни услови за странските инвеститори. Владата има донесено закони кои даваат поддршка на приватниот сектор и ја прават земјата атрактивна за инвестиции. Владата, освен тоа, прави напори да привлече странски инвеститори со стручно знаење и на тој начин да го поттикне трансферот на технологија.

Südsudan Sudan Öl Ölfelder Paloich Pipeline Nordsudan
Фотографија: Reuters

Да се стане независен од нафтата е приоритет, оценува Маток, зашто „приходите на владите во светот се засновани пред се‘ на даноци, а не на приходи од нафта. Јужен Судан поседува и други богатства како злато, уран и плодна земја и со тоа има доволно потенцијал за поттик на сопствената економија“.