1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година од почетокот на безредијата во француските предградија

Тони Гламчевски27 октомври 2006

Напладне во париското предградие, Клиши-су-Буа се одржа комеморација по повод првата годишнина од смртта на Зиад и Буна, кои сакајќи да и побегнат на полицијата се сокрија во еден високонапонски трансформатор, каде што изгореа. Нивната трагична смрт беше детонатор за тринеделните бунтови во француските предградија. Една година по овие настани, ситуацијата и натаму е експлозивна во предградијата.

https://p.dw.com/p/AdwA
Фотографија: AP

Се започна со смртта на 17 годишниот Зиад и 15 годишниот Буна. Денес со мирен марш им беше оддадена почит во Клиши-су-Буа.

„Господ да ги благослови двете деца. Господ да ни помогне да ја воспитаме младината како што треба. Господ да ни ги избегне сите други катастрофи како оваа“, беа зборовите од молитвата на имамот Даум Мескин.

Наскоро, полицајците од кои двете момчиња се сокрија во фаталниот трансформатор се повикани пред истражниот судија и може да бидат обвинети за „непружање помош на лица во опасност“.

Годишнината од нивната смрт, која предизвика тешки безредија во француските предградија, повторно ја реактуелизираа ситуацијата во нив. Според полициските синдикати и самата полиција, ситуацијата е алармантна и многу позатегната отколку што беше пред една година.

Минатиов месец, на неколку пати полициските патроли, без причини, беа нападнати од добро подготвени заседи од младите насилници во парсиките предградија, при што неколкумина припадници на силите на редот се здобија со тешки повреди. Полицијата кога влегува во некои од предградијата се повеќе се чувствува дека навлегува на непријателска територија.

Во тој контекст треба да се сватат и последните напади врз автобусите од јавниот превоз во парискиот регион, што го принуди јавниот превозник да ја промени маршрутата на автобуските линии за да ги избегне опасните места.

Владата се определи за строгост, мобилизирајќи додатни 560 полицајци и повеќе ескадрони на жандармеријата. Премиерот Доминик де Вилпен, побара „итни и примерни“ казни за починителите на насилството, додека минстерот за внатрешни работи Никола Саркози вели дека „ ќе направи се за да ги уапси виновниците.“

„Потребно е секој што ќе подметне оган во автобус или физички ќе нападне припадник на силите на редот, да има на знаење дека ќе биде направено се за да бидат уапсени и предадени на судовите“, изјави Саркози.

Политичарите очигледно сеуште го немаат најдено лекот за етничката и социјално-географската фрактура на француското општество. Сепак, француската држава во изминатава година покрај репресивната политика деблокира 100 милиони евра помош за предградијата, од кои скоро 60% им се поделени на асоцијациите.

„Целта ни е да се избегне да се повтори она што се случи пред една година.“ , вели Рашид, еден аниматор во предградиските асоцијации. Заедно со него рабори Карим, полициски функционер, кој додава:

„Имаме желба нашата асоцијација да успее, па дури да има и само еден млад кој ќе се извлече ние ќе бидеме задоволни.“