1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година од смртта на Папата Јован Павле Втори

Грегор Хопе2 април 2006

Беше омилен како ретко кој Папа пред него. Со години страдаше од Паркинсонова болест. Кога почина, стотици илјади луѓе се упатија на аџилак во Ватикан

https://p.dw.com/p/Ac7e
Јован Павле Втори
Јован Павле ВториФотографија: AP

Портпаролот на Папата Хоакин Наваро Валс имаше солзи во очите, речиси ќе му откажеше гласот во прес-салата на Светата столица: „Веројатно Папата ги имаше на ум многуте млади луѓе, што ги сретна насекаде во светот за време на долгиот понтификат – претходно му беше објаснето колкави маси луѓе стојат долу на плоштадот – се чини тој мислеше на нив кога од неговите зборови стана сфатливо следново: јас ве барав вас, сега вие дојдовте кај мене – за тоа ви благодарам“.

Од подоцна објавениот протокол за смртта на Папата излегува нешто поинаку. Но, се чини дека тогаш таа реченица привлече натамошни стотици илјади луѓе. „Овој Папа им даде простор на младите, на дијалогот со другите религии“. „Ова не го очекував. Од Рим сум, но толку многу луѓе овде – тој е добар Папа, мислам дека луѓето многу го сакаат, инаку не би дошле овде под неговиот прозорец“. „Овој Папа ќе влезе во историјата. Сите луѓе кои имаа среќа да живеат во негово време, сакаат сега да бидат блиску до него, да го почувствуваат, како што беше и за време на животот. Мислам дека ќе биде тешко да се најде човек како него“ – реагираа луѓето.

Во февруари и март минатата година Папата престојуваше во клиниката Гемели. Верниците го видоа за Велипеток преку телевизиски пренос од неговата приватна капела, како и на Велигден, кога безуспешно од прозорецот на Апостолската палата се обиде уште еднаш лично да им се обрати. Во сабота на 2 април 2005 пред јавноста излезе надбискупот Леонардо Сандри: „Драги браќа и сестри. Во 21 часот и 37 минути почина нашиот многу сакан свет отец Јован Павле Втори. Да се помолиме за него“.

Во знак на почит, според италијанскиот обичај, се огласи повеќеминутен аплауз. Верниците тивко плачеа, се молеа или пееја, со часови останаа на плоштадот Свети Петар. На последното испраќање дојдоа милиони верници, пред се’ од неговата родна Полска. „Не дојдов да молам за него, бидејќи тој на небото веќе се моли за целиот свет, за сите религии. Се надевам дека кога ќе биде прогласен за светец, последниот мир ќе го најде во Полска, во својот роден Краков“ – рече една жена.

Во 2000 години папство само еден понтификат траеше подолго. Првиот Словен на престолот на Свети Петар беше прв Папа во ерата на масовни медиуми, прв кој го пропатува светот. Неговата смрт предизвика тага на целата планета. Јован Павле Втори беше погребан на 8 април, шест денови по неговата смрт.

Тогашниот Кардинал-Декан Јозеф Рацингер, потоа избран за наследник како Папа, зборуваше: „Сигурни сме дека нашиот сакан Папа сега стои на прозорецот на неговата божја куќа, не гледа, не благословува. Благослови не, Свети оче, ја доверуваме твојата мила душа на мајката божја, твојата мајка која секој ден те насочуваше. Таа сега те води во вечната слава на нејзиниот син Исус Христос, нашиот господар, Амин“.