1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година од судењето на Садам

19 октомври 2006

Судењето на поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин се уште е во ќорсокак, но се најавува дека следната недела може да следи првата пресуда. Садам првпат седна на обвинителната клупа пред една година. Бјорн Блашке ги резимира досегашните случувања во судницата.

https://p.dw.com/p/AdwL
Садам Хусеин во судница
Садам Хусеин во судницаФотографија: AP

“Вие ме познавате. Вие сте Ирачани и знаете кој сум јас. Но, кои сте вие? Не одговарам пред овој самонаречен суд. Како претседател на Ирак ги барам моите уставни права”, изјави СадамХусеин пред една година на 19 октомври кога започна судењето против поранешниот ирачки диктатор. Иако на суд, тој се однесуваше како се уште да е претседател на Ирак. По читањето на обвинението , големо 800 страни, за него и седуммина негови соработници - за убиство на над 140 жители на шиитското село Дујали, кое уследи како одмазда за обидот за атентат - Садам се изјасни како невин. Неговиот бранител Ишам Газави тогаш изјави:

“Единственото што го направил претседателот е што ги потврдил смртните пресуди кои му ги поднел надлежниот судија. И претседателот Буш, кој тогаш беше гувернер на Тексас, потпиша 152 смртни пресуди.”

Првиот ден од судењето заврши по три часа. Процесот потоа беше одложен до 28 ноември. Следните месеци во судницата се повторуваше истата слика. Или Садам се однесуваше надмено како претседател или докажуваше дека не е виновен со викање, при што имаше жестоки вербални дуели. Се појавуваа сведоци, скриени зад параван, а се слушаа само изменети нивните гласови. Затоа често Садам беше одстрануван од судницата, го бојкотираше процесот па и штрајкуваше со глад. Судијата кој го отвори процесот се откажа поради наводно премногу пријателски однос кон обвинетиот Садам. И се би личело на ефтина театарска сцена да не се во прашање убиства на многу луѓе. Во меѓувреме се убиени еден од адвокатите на Садам и уште седум лица поврзани со процесот. На почетокот на следната седмица се очекува да биде објавена пресудата за убиството на селаните во Дујали, и се очекува Садам да добие смртна казна. Но, тоа не значи и крај на процесот против поранешниот ирачки диктатор. Прво ќе дојде до ревизија на пресудата, а ќе продолжи новото судење на Садам под обвинение за злосторство над ирачките Курди.