1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Една година по нападот со отров

Давид Ел
4 март 2019

Нападот врз Сергеј и Јулија Скрипал во Велика Британија ја продлабочи бездната помеѓу Русија и Западот. Случајот сѐ уште не е затворен. Поглед наназад на санкциите, истрагата и политичките реакции.

https://p.dw.com/p/3EPNa
Großbritannien Salisbury - Sicherheitspersonal nach Vergiftung von Ex-Spion Sergei Skripal
Иследници го истражуваат нападот врз Сергеј Скрипал и ќерка му Јулија (12.03.2018)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Augstein

Едно утро среде февруари наеднаш се појави огромно руско знаме на катедралата во Солсбери. Некој веројатно под заштита на ноќта се искачил на скеле за да го закачи знамето на средновековниот заштитен знак на градот. „Фала му на Бога што веќе е симнато“, вели конзервативниот пратеник од гратчето на југот на Англија, Џон Глен: „Колку глупава шега на сметка на лошите настани од минатата година."

Вмешаноста на Русија во „лошите настани" од аспект на британската влада е уште поочигледна од повеќеметарското знаме. Последиците и натаму се актуелни, а деталите за настаните и натаму не се расветлени.

Двајца во бессознание и една индиција

На 4 март 2018 еден маж и една жена беа најдени во бессознание на клупа во парк. Брзо се испостави дека се работи за рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Речиси исто толку брзо стана јасно дека биле отруени со нервниот гас Новичок. Со тоа индицијата неминовно водеше кон Русија, татковината на Скрипал, каде е во немилост заради оддавање информаци. На 12 март британската премиерка Тереза Меј во Долниот дом на британскиот парламент изјави дека „најверојатно“ Русија стои зад нападот.

Во болница Скрипал и ќерка му брзо закрепнаа, но четири месеци по нападот недолжни луѓе претрпеа последици: британска двојка од околината нашло шише во кое очигледно бил транспортиран отровот со чии остатоци имале контакт. Жената почина од труењето, мажот ослепе.

Doppelagent Sergei Skripal
Сергеј Скрипал и ќерка му брзо закрепнааФотографија: picture-alliance/Globallookpress

Затруена дипломатија

Додека Сергеј и Јулија се бореа за живот, политичките реакции ескалираа. Два дена по нападот тогашниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека не би сакал со прст да посочува на никого. Сепак, Русија ја оквалификува како „злонамерна и деструктивна сила". Беа повикани амбасадори, поставени ултиматуми и на крајот од двете страни беа протерани дипломати. Дваесетина западни земји со слични мерки застанаа на страната на Велика Британија.

Во септември Лондон го заостри тонот: Бен Валас, државен секретар за безбедност, изјави дека одговорноста на „крајот на краиштата" е кај претседателот Путин лично чија што влада „го контролира и насочува военото контраразузнавање.”

Повеќе: 

Последниот доказ во случајот Скрипал

Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака

Има ли Бугарија сопствен случај Новичок?

Потрага по сторителите

Првиот бран од политички реакции се потсмири, а потоа повторно се раздвижи истрагата. На почетокот на септември британските судски власти покренаа обвинение против двајца мажи кои потоа беа барани со меѓународна потерница.

Велика Британија објави снимки од камери за видео надзор, како и имињата под кои мажите влегле во земјата. Претседателот Путин предложи двајцата кои им се познати на властите лично да објаснат што правеле и тие тоа и го сторија. Во интервју со државната руска телевизија РТ наведоа дека во Солсбери дошле како туристи. Таквата верзија им беше неверодостојна дури и на лица блиски до Кремљ. Во рок од еден месец по покренувањето обвинение порталот за истражувачки стории Белингкет ги објави вистинските идентитети на двајцата, кои според порталот се офицери на военото контраразузнавање ГРУ. Белингкет реконструираше како Александар Мишкин и Анатоли Чепига под други имиња дошле во Велика Британија. Русија ги отфрли обвинувањата.

Bild Überwachungskamera
Снимка од камера за видео-надзор која ја објави британската полиција, а на која се двете осомничени лицаФотографија: picture alliance/dpa/AP Photo/Metropolitan Police

Нови санкции, нови истраги

САД минатата есен воведоа нови санкции за Русија - пред сѐ поради вмешаност во изборната кампања од 2016 година, но поексплицитно поради случајот Скрипал. Рускиот претседател Владимир Путин на самитот Г20 во Аргентина ги осуди „злобните" санкции и постојано отфрла каква било руска одговорност.

Во јануари ЕУ го стави на црната листа водечкиот соработник на руското воено разузнавање ГРУ и двајцата наводни атентатори.

На маргините на Минхенската безбедносна конференција во февруари повторно имаше дипломатски разговори меѓу Велика Британија и Русија - први по неколкумесечен молк. Кратко потоа Белингкет презентираше сознанија за наводен трет соучесник по име Денис Сергејев, исто така ГРУ-офицер кој е поврзан со еден напад со отров во Бугарија. Русија, исто како и претходно, ги отфрла сите обвиненија.

Поголеми овластувања за ОПЦВ

Една година по нападот врз Сергеј и Јулија Скрипал политичката и криминалистичка истрага сѐ уште не е завршена. Сепак, овој случај придонесе за фундаментална контрола на хемиското оружје. Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) во јуни од своите членови доби дополнителни овластувања.

Претходно на инспекторите им беше дозволено само да проверуваат дали е употребено хемиско оружје. Со ова требаше да се обезбеди апсолутна политичка неутралност на групата. Но, токму поради тоа, при разорните напади во сириската војна сторителите не можеа да бидат изведени пред лицето на правдата. Сега инспекторите може да ги истражуваат и индициите со кои се изведуваат заклучоци за сторителите.

Далиако  реформата на ОПЦВ се случеше порано ќе го спречеше труењето на Скрипалови, е отворено прашање. Русија не е вклучена во проширувањето на овластувањата на ОПЦВ.