1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Една десеттина од лековите во сиромашните земји - фалсификат

Јан Филип Вилхелм
13 јануари 2018

Според Светската здравствена организација, еден од десет лекови во земји со ниски и средни примања е фалсификат! Во Африка има креативни предлози за решавање на проблемот.

https://p.dw.com/p/2qjQ7
Afrika - Medikamente - Markt
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Sanogo

Од декември 2014 до август 2015 година во областа Итури во Демократска Република Конго, во центрите на невладината организација Лекари без граници со чудни симптоми се хоспитализирани 1029 лица. Според симптомите, лекарите прво се сомневале на епидемија со менингитис. Дури по повеќенеделна интензивна истрага стана јасно: симптомите се предизвикани од плагијат-верзија на средството за смирување Дијазепам. Единаесет лица починаа, меѓу нив пет деца на возраст под пет години.

Примерот - еден од најтешките во изминатите години - е само еден од базата со податоци на СЗО. Од 2013-та систематски се прибираат податоци од лекови со лош квалитет или фалсификувани лекови и кога има потреба организацијата објавува предупредувања. Иако се речиси сите земји во светот погодени, во Африка проблемот е од огромни размери: 42% од сите податоци на СЗО се однесуваат на Африка и од 13 предупредувања кои СЗО ги има изречено од 2015-2017, 11 се за африкански држави и региони.

Пернет Бурдиљон Естеве, задолжена за анализа на податоците на СЗО, смета дека причините за тоа се следниве: „Лекови со лош квалитет или фалсификати се појавуваат онаму каде пристапот до лекови е ограничен, каде владата лошо ги менаџира состојбите и каде им недостиг од стручни кадри.“ Овие фактори пред сѐ ги има во земји со ниски или средни примања, а африканските во голем дел припаѓаат во таа група.

Еден од десет лекови - фалсификат

За да се одреди распространетоста и да се дојде на трагата на лоши или фалсификувани лекови, СЗО во минатата година анализирала повеќе од 100 студии и бази со податоци. Резултатите се алармантни: според нив, во просек 10,5% од сите лекови во земји со ниски или средни примања се со лош квалитет или фалсификати.

Особено чести се плагијати на лекови за маларија и антибиотици, со тешки последици. Маларијата и бактериска инфекција како воспаление на дробови се всушност излечиви на детска возраст со соодветен третман. Но, фалсификатите и лековите со полош квалитет, според студијата, само за овие две болести довеле до 267.000 (маларија) и 20.225 (воспаление на дробови кај деца) смртни случаи во субсахарска Африка, кои можеле да бидат избегнати.

Nigeria NAFDAC gefälschte Medikamente - Dora Akunyili
Во многу земји има лаборатории за проверка на квалитетот на лековите, но нивниот капацитет е ограниченФотографија: Getty Images/AFP/P.U. Ekpei

Профит на сметка на човечки животи

На Вилтшир Џонсон, шеф на Бирото за лекови на Сиера Леоне, му се познати размерите на проблемот: „Кога владее сиромаштија, луѓето се склони на тема здравје да ги бираат најевтините опции.“ Бескрупулозни трговци тоа го користат и купуваат евтини лекови или плагијати од нелегални извори и ги продаваат на конзументите кои немаат претстава за тоа, вели Џонсон.

Неговото Биро веќе преземало мерки во борбата со лажни лекови, како, на пример, поставување лаборатории за тестирање на квалитетот, вели Џонсон во интервју за ДВ. Но, да се постапува против трговијата со лекови од странство е тешко, додава тој: „Нашите гранични контроли не се доволно силни за да ги надгледуваат сите гранични премини.“

На темата:

Стоп за продажба на 80 лекови во Германија

Сиромашните како лабораториски глувци

Смртоносни фалсификувани лекови

Трговијата со лекови одамна е глобален бизнис кој ги надминува можностите на одделни држави. Најголемиот дел препарати се од Кина и Индија, но и во Африка има фалсификатори. Според експертот на СЗО, Пернет Бурдиљон Естеве, потребни се мерки на сите нивоа.

Во непосредната борба со епидемијата е битно прво освестување на локално ниво: „Прво луѓето мора да знаат за ризиците од таквите лекови“, вели Естеве. Освен тоа, мора да се пријавуваат случаите на локалните служби.

Afrika - Medikamente - Markt
Лекови со непроверено потекло се продаваат на пазарите Фотографија: Getty Images/AFP/I. Sanogo

Креативно решение од Гана

Останува уште еден проблем: „Не верувам дека би можел да разликувам плагијат од оригинален лек“, вели еден случаен минувач во градот Акра, во Гана. „Тоа ме вознемирува, бидејќи би можел да купам фалсификат и да си наштетам на здравјето.“

Во тој дел еден проект во Гана треба да понуди помош. Фирмата „Педигре“ со седиште во Акра им помага на фармацевтските концерни да ги обезбедат своите производи од плагијати - и со тоа да им помогнат на пациентите да разликуваат вистински од лажни лекови. За тоа е потребен само мобилен телефон, вели главниот стратег во фирмата Селорм Бранти во разговор за ДВ. „Луѓето купуваат лек, гребат едно поле со код, го праќаат со СМС-порака на одреден број и за 5-7 секунди добиваат потврда дали е оригинален или лажен лек."

Фирмата е застапена во 12 африкански земји и според нивни податоци веќе 75 милиони луѓе ги искористиле услугите директно или индиректно. Но патот кон поголема сигурност со лековите во Африка е далечен.