1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една деценија Македонско-Германско стопанско здружение

24 јуни 2010

Германија и Македонија традиционално негуваат одлични економски односи. Водечката економија во ЕУ можеби не е главниот инвеститор во Македонија, но од година во година станува се‘ позначаен трговски партнер на земјата.

https://p.dw.com/p/O1b0
Ќе биде ли 2010 подобра од 2009 година?

Во првата половина од годинава Германија е повторно прва на листата од петте земји со кои Македонија остварува најголем дел од извозот. Традиционалното бизнис партнерство и билатералната соработка постојано се зајакнува благодарение на активностите на Македонско-германското стопанско здружение, кое годинава прославува една деценија од формирањето.

Раководителот и делегат на германското стопанство во Македонија, Михаел Шмит, за Дојче Веле го објаснува значењето на здружението:

„Радосен сум што веќе десет години сме активни во регионот. Веќе еднаипол година јас сум директор на претставништвата на германската економија во Македонија, како и во Србија, Црна Гора, Косово и Албанија. Се обидуваме преку нашите структури да им го олесниме пристапот на германските претприемачи до пазарите во регионот, а секако и да ги застапиме германските економски интереси во соработка со дипломатските претставништва и другите институции. Сакаме и се обидуваме да ја презентираме Македонија како клучен пазар во регионот “, вели Шмит.

Странските инвеститори од македонските власти бараат посериозен однос

Од формирањето во 2000 година, со 30 фирми членки, Македонско-германското стопанско здружение прерасна во најголемо билатерално економско здружение во кое, во моментов, членуваат 132 фирми. Во неодамна објавената анкета компаниите изразија задоволство од сопствениот бизнис во земјата, но побараа државата да се однесува посериозно кон странските инвеститори и засилување на клучните реформи.

Dossier Telekom Bild 3 Flaggen vor Telekom
Дојче Телеком е најгоплем германски инвеститор во МакедонијаФотографија: AP

„Малку е рано да се види дали нешто се подобрило на овој план. Мислам дека критичните точки се‘ уште се во делот на јавната администрација, правната сигурност и секако корупцијата, која воопшто не треба да се занемари. Мислам дека е многу важно инвеститорите кои се присутни во Македонија да бидат задоволни за да можат да ги прошират нивните активности“, вели Шмит.

2010 ќе биде подобра, очекуваат половина од фирмите

Резултатите од анкетата покажа дека 44% од фирмите очекуваат 2010 да биде подобра на економски план, додека 28% очекуваат влошување. Околу 26% од фирмите најавуваат инвестиции во Македонија, а дури 45% сметаат дека извозот ќе се зголеми. Најголемиот германски инвеститор во Македонија, гигантот Дојче Телеком, како и ЕВН, РВЕ, Порше и уште неколку други компании се најзначајните фирми членки на здружението. Сепак, мнозинството го сочинуваат домашни компании.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска