1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едни славеа, други бојкотираа

Горан Петрески24 октомври 2007

Свечена академија за прослава на државен празник бојкотирана од опозициските партии. Вака Македонија го одбележа новиот државен празник. Граѓаните го искористија неработниот ден да се одморат.

https://p.dw.com/p/Bw4x
Од свечената академија во СкопјеФотографија: Macedonian Information Agency

Политичарите најдоа повод за уште една меѓусебна пресметка. само десетина дена по прославата на 11 октомври во атмосфера на партиска поделеност, вчера на денот на македнската револуционерна борба демонстрираа апсолутно неединство. Опозицијата дури се закани дека ќе го поништи новиот државен празник, 23 октомври кога ќе се врати на власт. Годинава прв пат државата го прославува денот на формирањето на македонската револуцинерна организација, во Солун во 1893. За значењето на овој настан говореше академик Цветан Грозданов, на синоќешната свечена академија по повод празникот: “Во тој период, не треба посебно да истакнувам, се формира екипата од шестмина, историски шестмина во Солун, на 23 октомври. Потоа тие, наредната година одржаа нов состанок во Солун и потоа еден конгрес во Ресен, во црквата Свети Кирил и Методиј, каде што присуствуваат многу истакнати македонски интелектуалци.“

Поделени мислења

Пред преполната сала на Македонскиот народен театар во која имаше и албански политичари, но не и македонски опозиционери се обрати премиерот Никола Груевски: “Овој ден не смее да биде ден на поделби. Ова треба да биде денот на обединување. На макеоднската левица и макеоднската десница. Ова треба да биде денот на помирување на сите политички сили во општеството, помирување заради Македонија, за нејзината иднина, за нејзините перспективи, за нашите идеи, за нашите деца.“

Претходно во текот на денот, претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска објасни зошто нејзината партија не го признава 23 октомври: “ВМРО ДПМНЕ ако сметаше дека 23 октомври треба да биде ден на обединување на македонската држава, не требаше да го избере за свој партиски празник. “

Политичките пресметки станаа вообичаена пракса при одбележувањето на државните празници. Нивното историско значење го девалвираат политичарите водени од дневно-политичките, наместо од националните интереси.